Преговори за нова Влада

17.02.2017 16:55

Заев не видел што му испратил Ахмети како одговор на документот за кој очекуваше потписи за формирање влада. Работни групи ги разгледуват материјалите...

Наместо потписи како одговор на испратениот документ кои ќе им овозможат формирање парламентарно мнозинство и влада, СДСМ од ДУИ доби предлог- решенија за Законот за употреба на јазиците. Лидерот на Социјал-демократите, Зоран Заев вели дека не видел што испратиле интегративците. Понудата од нив ја разгледувала работна група во која се Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски и Рената Дескоска. Тој не знае кога ќе донесат одлука по предлогот на ДУИ.

„За нас е сè прифатливо што е во рамките на Уставот, сѐ она кое претставува практична потреба на граѓаните од албанската заедница, секако имајќи ги предвид и потребите на граѓаните од другите етнички заедници. Тие две рамки, уставно да биде одржливо и практична потреба на граѓаните ја претставува рамката и јас верувам дека ќе успееме да изнајдеме решение“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека она што им било доставено од СДСМ не претставувало атомска бомба, но, неговата партија ги разгледувала сите аспекти поради, како што рече, ризикот од брз одговор.

„Се прават сите анализи во партијата. Ве уверувам дека документот не содржи атомска бомба. За сите детали ќе бидете информирани. Се работи за конкретни прашања за албанските интереси и ние правиме анализи. Мислам дека секоја избрзана реакција и одговор би имале фатални последици“, нагласи Ахмети.

Наспроти ставот на Ахмети дека нема потреба од брзање, Заев изјави дека неговата партија не сака да губи време и настојува да се најде прагматично решение бидејќи се приближуваат и роковите за локалните избори.

 

Миле Ристески