Соработката е императив

17.02.2017 16:56

„Големите глобализираат, малите соработуваат“- ова е мотото под кое Стопанската комора на Македонија одбележува 95 години од основањето...

Претприемачите и малите економии неминовно мора меѓусебно да соработуваат, доколку сакааат да генерираат раст и да креираат нови работни места. Бизнис- заедниците од регионот, во Скопје, ја промовираа иницијативата за поврзување на претприемачите од малите земји. Порачаа, наместо во минатото, погледите да ги насочиме кон иднината.

„Вакви амбиции и иницијативи се можни само ако не гледаме тесно на сопствениот бизнис. Затоа да не ја гледаме иницијативата само како поврзување на балканските земји. Нашите амбиции мора да бидат пошироки, поврзување на сите мали пазари и на сите мали претприемачи од малите држави“, изјави Мојмир Оцвирк, Словенија.

Малите земји од регионот имаат голем раст на извозот, но проблем е ограничената понуда. Пазарот на труд беше предолго запоставен, што за среќа се менува во последниве 3-4 години е оценка на Владимир Глигоров од Виенскиот економски институт.

„Сѐ заедно гледано малото стопанство нема проблем на побарувачка, има проблем на понуда. Има проблем со тоа колку може и е способно да произведува бидеејќи можноста за пласман е практично неограничена“, изјави д-р Владимир Глигоров, економски експерт.

Најголем проблем е што нудиме неконкурентни производи, што во добра мера, се должи и на вградените енормни трошоци на кои фирмите и коморите немаат влијание.

„На овие простори администрацијата цветаше многу повеќе, отколку што растеше бизнисот. Не знам зошто е тоа така. Хрватска не порасна три пати, но буџетот се зголеми три пати и сега вие ми објаснувате зошто имаме неконкурентни производи“, вели Бранко Роглиќ, бизнисмен од Хрватска.

„Економијата не познава мали земји, економијата познава успешни економии и РМ согласно својот потенцијал може да биде успешна економија во наредните дваесеттина години. Јас верувам во тоа и верувам дека тоа еднаш и ќе се направи“, додава Горан Рафајловски, економски експерт.

„Дијалогот секогаш бил на високо ниво и не недостигал. Недостигала имплементацијата и јас уште еднаш ќе го повторам она што го рекол Британскиот премиер Харолд Вилсон: Подобро да ги имаме бизнис заедниците како партнери во градењето на законите, отколку да ги имаме како противници во нивната имплементација“, истакна Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Учесниците на тркалезната маса посветена на позицијата на малите земји во меѓународната економија со порака, големината не е пресудна затоа што од 10 најбогати земји 9 се мали. Препорачуваат поголема поддршка на домашните претприемачи и нивните инвестиции, а од политичарите побараа подобар економски амбиент, ослободен од претерано администрирање.

 

Свето Николовски