Во спомен на Вања Лазарова: Легендата замина во легендите

13.03.2017 08:28

Речиси 70 години, целата своја професионална и лична ангажираност, Вања Лазарова и ја посвети на афирмацијата на Македонската фолклорна традиција како неодминлив и со право речено, најбележит сегмент од македонскиот културен и национален идентитет.

На 12-ти март 2017-та година во Скопје, почина Вања Лазарова- македонската музичка легенда, чијшто глас ги восхитуваше луѓето од различни меридијани, носејќи го во себе безвременскиот сензибилитет на својот народ низ бессмртната лиричност на Македонската народна песна.

Речиси 70 години, целата своја професионална и лична ангажираност, Вања Лазарова и ја посвети на афирмацијата на Македонската фолклорна традиција како неодминлив и со право речено, најбележит сегмент од македонскиот културен и национален идентитет.

Малубројни се интерпретаторите чиишто песни народот ги зел за „свои“, зошто биле отпеани со ненадминат вокален артизам и оставиле сопствен - оригинален печат во колективното паметење и музичко препознавање на еден народ.

Вања Лазарова Димитровска е родена во село Страцин, Кратовско во 1929 година, завршила учителска школа во Скопје, музички ексклузивец на Македонската Радио Телевизија, член на ансамблот „Танец“, а последните години од својот работен век ги поминала во Културно Уметничкото Друштво „Билјана“, при Сојузот на слепи лица на град Скопје, кадешто ќе остане запаметена по својот професионализам и исклучителен хуманизам, но пред се по мотивирачката љубов кон македонското песнопојно фолклорно наследство.

Доказ за нејзината хуманост ќе биде работата со слепите лица во КУД „Биљана“ и настапот на голем број хуманитарни концерти и манифестации на кои има земено учество со Македонската традиционална песна, но и со проекти во кои е направена синтеза на македонското песнопојно наследство, софистицирано и современо по сензибилитетот на аранжманските импресии. Во 1983 година Вања Лазарова ќе биде иницијатор за формирање на вокалната група „Вардарки“ при женскиот актив на денешната општина Аеродром, а долги години потоа своето знаење од областа на вокалната интерпретација на македонската народна песна ќе го пренесува на голем број, денес афирмирани имиња на македонската музичка сцена.

Во нејзиното професионално портфолио се бележат концерти, турнеи и гостувања во Европските земји, во, Австралија, Африка, Канада и Американскиот континент, како и настапите во Карнеги Хол, на дворот на Британската Кралица, или во Бољшој театарот. што претставуват првични настапи на Македонски уметници и афирмација на Македонската музичка култура воопшто.

Како сведоци на нејзиниот исклучителен глас и посветеност, остануваат снимките направени за Музичката продукција на МРТ, во придружба на Оркестарот чалгии, Оркестарот на Изворни инструменти, но и Големиот Народен оркестар на МРТ од самото нивно формирање и активно работење, плочите и музичките касети снимени за МРТ, ПГП- РТБ, но и првите плочи снимени од еден Македонски уметник воопшто, за најголемите светски издавачки куќи како „Полиграм„ и „Филипс“.

За својот ангажман во областа на Македонската традиционална музичка култура, Вања Лазарова ќе добие голем број на награди и признанија, меѓу кои и: Наградата „13- ти Ноември“ за 2003 од областа на Културата и уметноста, наградата „Златен Дедал“ за Животно остварување во областа на вокалната интерпретација од ЕСРА - Универзитет за аудио и визуелни уметности Скопје во 2009 година, „Статуетка Мајка Тереза“ - за остварувања во областа на културата од граѓанската асоцијација “Скопјанката Мајка Тереза “ во 2007- та година како и Награда за животно дело од манифестацијата „Златна Бубамара“ во 2009- тата година.

Во 2012 и 2013 година, КУД „Биљана“ при Сојузот на слепи лица на град Скопје, со поддршка од Сојузот на организациите на жени на Град Скопје, до Министерството за Култура на Р. Македонија ќе поднесат иницијатива за доделување на највисоко национално признание и награда, на Вања Лазарова за нејзиниот исклучителен придонес во афирмацијата на Македонската традиционална музичка култура кај нас и во светот.

Во 2014 година на ваквата иницијатива за доделување на престижната национална награда од областа на Културата, овојпат подржана од продукцијата „Трето уво“ со којашто Вања Лазарова соработуваше на повеќе проекти, Министерството за Култура на Република Македонија и ја доделува наградата „11Октомври “од областа на културата што истовремено значеше и статус на Национален уметник од највисок ранг.

Во 2016 година Македонската радио телевизија, во рамки на Фестивалот „Цветници“ на Вања Лазарова ќе и ја додели наградата за Животно дело и придонес во афирмацијата на Македонските музички вредности.

Дел од нејзината богата музичка продукција се: „Македонска фолклорна антологија“со Народниот оркестар на МРТ, „Македонски традиционални љубовни песни“- 1999, „Ритмистика“-2000 год, Вања Лазарова и Мирослав Тадиќ: проект „Лулка“ - 2003 во продукција и дистрибуција на „Трето уво“, музика за филмот „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски во 1994 година во соработка со групата „Анастасија “, „Стојне бре моме кочанско“, со Кирил Џајковски, проектот „Undying Creativity“ на Macedoniadirect во 2004-тата година, албумот „Генофонија“ со групата „Нав“ во 2007-та година како и соработката со голем број на интерпретаторски и авторски имиња од македонската и Балканска музичка сцена.

Во Македонската телевизија како бесценето сведоштво за едно време и нејзиниот оригинален и креативен вокално интерпретатрски опус, остануваат голем број на ТВ проекти и емисии меѓу кои: „Минути со... “, „ Од едно грло два гласа“, “ Здивот на калдрмата“, „Белегзија“, „Распеани градови“, „Мојата слика”, „По трагите на традицијата”, „Песно не заборави ме“, како и двата документарни филмови за нејзиниот живот и музичка кариера, на едно од најеминентните имиња на македонската народна песна.

Вања Лазарова беше уметник од посебен ков и кога станува збор за вештината на ракотворството. Со 10-тина самостојни и групни изложби на везови и апликации инспирирани од нашето богато фолклорно наследство, како и на оригинално изведени карикатури во вез, сведочат и: наградата за оригиналност добиена во Белград во 1986 тата година на „Светската изложба на карикатури“, како и Наградата за автентичност инспирирана од фолкорната традиција на Мегународната изложба на ракотворби, одржана во 1987 година во Малме, Шведска.

Нејзините концерти во 2000 година со Оркестарот на Изворни инструменти „Пеце Атанасовски“, во 2002 година самостојниот хуманитарен концерт “Со маки сум се родила“, како и настапите на Скопско Културно лето, Кумановскиот Џез фестивал, Илинденски денови, Балкански фолкорен фестивал, Чествувања на Илинден - Крушево и многу други манифестации, сведочеа за нејзиниот професионален дигнитет и огромна љубов и посветеност на македонската народна песна.

Поради нарушеното здравје и потребата од постојана грижа, како и поради отсуство на нејзиното најблиско семејство од земјава, последните години од животот, Вања Лазарова ги помина во домот за стари лица „Милица“ во Скопје, честопати на мета на новинарски недвосмислено сензациналистички интерес и искривување на вистинската слика за нејзината „наводна“ заборавеност од нејзиното семејство и институциите на власта.

Во 2015 година во продукција на „Трето уво“ ќе биде снимен и третиот документарен филм за оваа Македонска музичка легенда „Со маки сум се родила“, според истоимената Македонска народна песна, чијшто наслов и симболично ја отсликува не само приказната на големата уметница туку и историскиот сублимат и траење на една земја и нејзиниот народ низ безвременскиот опстој на нејзината песна и музика.

Вања Лазарова замина во легендите, докажувајќи со своите песни дека: Македонскиот музички јазик, а пред сѐ Македонската фолклорна традиција се вистински амблем на Македонската култура и национален идентитет, мисија којашто може да се оствари - единствено со поимање на нивната суштина, но и личната и национална посветеност на истите.

Нејзините песни и глас, остануваат да живеат.

Посмртните останки на почитната Вања Лазарова ќе бидат изложени утре, вторник, на 14-ти март 2017-та, во капелата на градските гробиштата Бутел во Скопје, од 13 до 14 часот.  МРТ во спомен и чест на доајенот на Македонската народна песна, Вања Лазарова, ќе одржи комеморација во студиото М1, утре, 14 -ти март  2017-та, со почеток во 11 часот .

Каролина Петковска