Комеморативна седница за Вања Лазарова

14.03.2017 08:22

Речиси 70 години, целата своја професионална и лична ангажираност, Вања Лазарова и ја посвети на афирмацијата на Македонската фолклорна традиција...

Во спомен и чест на доајенот на Македонската народна песна- Вања Лазарова, Македонската Радио Телевизија денеска во студиото М1 на Македонското Радио, со почеток во 11 часот, ќе одржи свечена комеморација.

Посмртните останки на Вања Лазарова денеска ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта - Бутел во Скопје, од 13 до 14 часот.

На 12-ти март 2017-та година во Скопје, почина Вања Лазарова- македонската музичка легенда, чијшто глас ги восхитуваше луѓето од различни меридијани, носејќи го во себе безвременскиот сензибилитет на својот народ низ бессмртната лиричност на Македонската народна песна.

Речиси 70 години, целата своја професионална и лична ангажираност, Вања Лазарова и ја посвети на афирмацијата на Македонската фолклорна традиција како неодминлив и најбележит сегмент од македонскиот културен и национален идентитет.

„Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Со маки сум се родила“, се само некои од многуте македонски изворни народни песни што ги испеа Лазарова. Најголемиот дел се снимени во продукција на МРТ.