Последна почит за доајенот Вања Лазарова

14.03.2017 15:39

Свечена комеморација во чест и спомен на доајенот на македонската народна песна - Вања Лазарова, се одржа во Македонската радио телевизија. Таа почина завчера на 86-годишна возраст, во Скопје. Најголемиот дел од нејзините песни се снимени во продукција на МРТ. Ретки се пејачите чии песни народот ги зел за свои затоа што биле исполнети со врвен артизам и го отсликувале националниот идентитет на македонецот каде и да е.

Вања Лазарова- Димитрова замина во легендите докажувајќи со своите песни дека македонскиот музички јазик, а пред сѐ македонската фолклорна традиција се вистински амблем на нашата култура и национален идентитет. Роднините, пријателите, колегите и соработници од македонската музичка сцена, пријатели по професија и љубов кон песната, не штедеа зборови, ниту солзи за нивната почитувана и сакана Вања.

Нејзината долгогодишна другарка Виолета Томовска ја раскажа првата средба со Вања Лазарова во 50-ите години на минатиот век , таа како почетник, а Вања како веќе докажан уметник.

Во архивите на Македонската телевизија се чува бесценетото културно наследство кое го остави Вања Лазарова. Снимките и ТВ проектите, документарните филмови и концертите, сведочат за нејзиниот исклучителен глас и посветеност кон македонскиот фолклор. Лани Македонската радио телевизија ¥ ја додели наградата за животно дело.

За големината на Вања Лазарова зборуваат наградите, но и настапите во „Алберт хол“ во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и Винстон Черчил.

Вања Лазарова- Димитрова почина во 86- тата година од својот живот во Скопје. Нејзините песни и глас остануваат да живеат вечно.

 

Викторија  Милевска