„Чајковски: Смеа и тага“ - концерт на Филхармонијата со виолончелистот Иштван Вардаи

16.03.2017 08:11

Вардаи свири на легендарниот инструмент Страдивариус „Ди Пре-Харел“ (1673), виолончело кое пред него било во сопственост на познатата Жаклин ди Пре. Пред македонската публика ќе настапи со Рококо варијациите за виолончело и оркестар од Чајковски.

Македонската филхармонија  вечер во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт насловен „Чајковски: Смеа и тага“ на кој како солист ќе настапи виолончелистот Иштван Вардаи од Унгарија.

Вардаи свири на легендарниот инструмент Страдивариус „Ди Пре-Харел“ (1673), виолончело кое пред него било во сопственост на познатата Жаклин ди Пре. Пред македонската публика ќе настапи со Рококо варијациите за виолончело и оркестар од Чајковски.

Под диригентската палка на Кејс Скалионе, оркестарот на Македонската филхармонија по подолго време ќе ја изведе Шестата симфонија насловена „Патетична“ од Чајковски, која се смета за најубавите симфонии на сите времиња.

Авторот ја создал непосредно пред неговата смрт, во мигови на депресија и сомнеж во својот креативен дух. Чајковски, незадоволен од резултатот, често ја кинел партитурата, но, по бројни исправки, почнал да верува дека тоа е можеби еден од неговите најдобри трудови, сметајќи дека таа е ’завршен камен на целото негово творештво’ и ’најискреното дело кое некогаш го напишал’“, информира Филхармонијата.