Катастарот воведува Адресен регистар

17.03.2017 14:30

Во Катастарот почна спроведувањето на регистарот според адресите на живеење во земјава. Со тоа ќе се овозможи запишување на граѓаните според местото и адреса на живеење. Избрани се четири пилот општини каде што овој регистар треба да биде завршен до крајот на годинава.

90 насто од домовите во селата немаат прецизни адреси и граѓаните се запишуваат на една иста. Со воведувањето на адресниот регистар треба да се надмине овој проблем и прецизно да се одредат адресите на правните и на физичките лица. Почнаа активностите за спроведување на овој проект. Во моментов има недоволно прецизни законски акти и подзаконски уредби, недоволно прецизни стандарди за испишување на називите на улиците при што изостануваати правилата за нумерирање на поедини типови на објекти истакна директорот на Агенцијата за катастар, Славче Трпески.

„Адресниот регистар е еден од клучните регистри во државата. Тој ќе содржи просторни податоци за улиците и куќните броеви и ќе биде поврзан со Регистарот на просторни единици. На тој начин сите заинтересирани субјекти сите информации поврзани со адресите ќе имаат можност по електронски пат на брз и ефикасен начин да ги добијат од Агенцијата за катастар на недвижности“, истакна Трпески.

Директорот на компанијата со која Агенцијата за катастар го потпиша договорот за подготовка на податоците и развојот на апликациите за теренско прибирање на адресни податоци, оценува дека решението ќе се заснова според светските мерила, во согласност со Законот за национална инфрструктура на просторните податоци.

Со пилот проектот најпрвин ќе бидат опфатени општините Кисела Вода, Зелениково, Свети Николе и Гостивар. Вредноста на договорот е 113 илјади евра и е предвидено новиот регистар за четирите пилот општини да биде завршен до крајот на годинава.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска