Мал број граѓани одат на редовни стоматолошки прегледи

20.03.2017 14:31

Мал е бројот на граѓани кои одат на стоматолошки превентивни прегледи. Ординациите најчесто ги посетуваат кога ќе почувствуваат болка - велат стоматоозите. Потребна е едукација на децата за заштитата на забите уште во градинките, навиките се создаваат во најрана возраст. Денеска се одбележува Светскиот ден на оралното здравје.

Мал е бројот на граѓани кои на шест месеци одат на превентивни стоматолошки прегледи. Ординациите најчесто ги посетуваат кога ќе почувствуваат болка – велат граѓаните. Страв од заболекар, неинформираност или едноставно лоша дентална навика.

„Немам време, не одам често на стоматолог, ако имам болка тогаш одам, само по потреба.“

„Одам два пати месечно, заради тоа што носам протеза одам почесто.“

„Одам, но не многу често како што препорачуваат лекарите, но сепак внимавам на забите“, велат граѓаните.

Просечно граѓаните во земјава имаат по осум заболени, извадени или пломбирани заби. Освен редовните прегледи, важна е и правилната орална хигиена.

„Македонија е земја каде што стапката на кариес е значително голема, треба повеќе да се работи на оваа проблематика за да се подигне свесноста на луѓето да одат на почести стоматолошки прегледи“, изјави Марија Андоновска, подпретседател на Стоматолошката комора.

Потребна е едукација на децата за заштита на забите уште во градинките, навиките на децата се создаваат во најрана возраст. Смоките, чоколадите, бонбоните се лепат за забите и придонесуваат во создавањето кариес- со редовно четкање на забите се отстрануваат бактериите.

 

Андријана Атанасовска