27 тима и 15 стартапи на петтиот „Кодфест тек фестивал“

20.03.2017 14:45

Дваесет и седум тима ќе учествуваат на 32 часовен технолошки натпревар во развивање технолошки идеи во рамки на „Кодфест тек фестивал“. Ќе се претстават 15 стартапи. Фондот за иновации ќе одржи работилница како до поквалитетни предлог проекти за четвртиот повик, со кој се доделуваат 1.450.000 евра.

Околу 400 млади креативни луѓе ќе учествуваат на натпреварот во развивање технолошки идеи идниот месец во Охрид. Ќе се претстават 15 стартап бизниси. Тимови на Фондот за иновации и технолошки развој ќе бидат поддршка за да се подготват квалитетни предлог проекти за четвртиот повик со кој се доделуваат 1,45 милиони евра. Компаниите имаат можност да добијат до 100.000 евра.

Целта на фестивалот, велат организаторите, е младите и најиновативните од државава да се доближат до меѓународниот технолошки свет.

Пред учесниците ќе говорат реномирани експерти од САД, Велика Британија, Шпанија, и Македонија. На досегашните изданија на Кодфест искуства и знаења пренесоа претставници од „Фејсбук“, „Вибер“, „Мајкрософт“, „Гугл“.

 

Дијана Ценевска