Награди за ликовните амбасадори на Малиот Битолски Монмартр

20.03.2017 15:41

Во Малиот Битолски Монмартр работно, но и славенички. Пристигна признанието од Меѓународниот олимписки комитет за петтото претставување на олимпијадите, а 25 ликовни амбасадори ги добија наградите за минатогодишните настапи на конкурсите по светските метрополи. Најквалитетните, над 800 ликовни творби ќе ја состават 35-тата светска изложба.

Брендот на светската детска ликовна уметност и понатаму жнее награди. Покрај признанието од Меѓународниот олимписки комитет за петтото претставување на олимпијадите, пристигнаа и наградите за 25 ликовни амбасадори за делата со кои учествуваа на минатогодишните конкурси по светските метрополи. Со две златни медали и три дипломи, најуспешен е 12 годишниот Наум Михајловски. Со ликовниот прибор другарува од својата втора година. Вели- и понатаму ќе доаѓам во детското студио зошто желбата ми е да станам врвен уметник.

„Наградите што ги добиваме ни потврдуваат дека напредуваме во работата што ја работиме. И мислам дека и понатаму треба посветено да работиме за светот да не запознае уште повеќе“, вели ликовниот амбасадор Наум Михајловски.

Од седиштето на младите ликовни амбасадори пак, по трет пат за Словачка отпатува „Гран при“ наградата од меѓународниот конкурс „Битола 2017“. Од 275 училишта од 28 земји пристигнаа околу 10.000 ликовни творби- три и пол децениска традиција која постојано го зголемува депото на актуелните Гинисови рекордери.

„Над шестотини илјади цртежи во изминативе 35 години се пристигнати на адресата на Детското ликовно студио. Дела од кои во 1995 година со над 11.000 цртежи беше отворена гинисовата изложба. Ако се знае дека досега потполно се опремени 50.000 цртежи можеме да направиме изложба долга 40 килиометри“, вели раководителот на студиото Коста Хаџиантоновски.

Над 800 најквалитетни ликовни творби од пристигнатите ќе ја состават 35-тата светска изложба која се отвара во предвечерието на патронот на студиото и е вовед во најновото издание на ликовната колониј. Според најавите и годинава ќе учествуваат ликовни таленти од дваесетина земји од светот.

Стевче Митревски