Промените во регулативата- најчест проблем за микро и малите фирми

20.03.2017 15:48

Преку 18 информативни сесии во 10 градови, микро и малите фирми ќе се запознаат со проектот што ќе им овозможи да осознаат колку се усогласени со најновите законски регулативи во за нив најпроблематичните области.

Анкетата во која биле опфатени 170 субјекти покажала дека за микро и малите фирми и особено „стартапите“ најпроблематични се пет области, пред сѐ поради немањето капацитет да ги следат промените во законската регулатива.

„Законски регулативи кои на некој начин им претставуваат проблем на самите компании за омплементација се следниве:права и обврски кои произлегуваат од законот за работни односи и законот за безбедност и заштита при работа, права и обврски кои произлегуваат од законите за даночни и царински политики, како и регулативата од областа на заштитата на животната средина и урбанизмот“, изјави Јадранка Аризанковска, Стопанска комора на Македонија.

Со помош на трите комори до јуни ќе биде креиран посебен портал преку кој компаниите и особено „почетниците во бизнисот“, ќе можеат да ја согледаат нивната усогласеност со законските прописи, а се подготвува и подобрена „ваучер шема“.

„Оваа алатка е пред сѐ наменета за „стартапите“, за кои сите велиме ајде фирма нека почне со работа, ајде нека се регистрира и отвори, а притоа никој не размислува дали тие луѓе кои реално немаат искуство со водење бизнис, дел од нив, дали се запознаени со прописите, работите што треба да ги прават, нивната усогласеност и тн. Значи овие „чек листи“ би требало да им помогнат пред се на нив. Да видат дали се во согласност, односно усогласени со некои од важечките прописи кои што се во Р. Македонија“, изјави Љупчо Димовски, Епицентар Македонија.

Истражувањето покажало дека најсерозни проблеми, особено за микро и малите бизниси во земјава се сивата економија и честото менување на законската регулатива, за чие следење тие немаат соодветни стручни служби.

 

Свето Николовски