Грчките медиуми за Македонија: Евентуалната федерализација во корист на Грција

20.03.2017 16:35

Медиумите во Грција со големо внимание ги следат политичките случувања во Македонија. Една од тезите кои се пласираат е дека евентуалната федерализација и оди во корист на соседната земја.

Во анализа на солунскиот весник „Македонија“ се тврди дека одбивањето на претседателот Иванов да го даде мандатот на СДСМ, не било заради одбрана на унитарноста, туку изговор за да се заштителе ВМРО-ДПМНЕ и Груевски. Весникот нагласува дека евентуалната федерализација на Македонија ќе била од корист за Грција.

„Федерализација на Скопје ќе донесе придобивки за грчката надворешна политика, со оглед на тоа што ќе ги стави на маса сите прашања што не засегаат, од името до симболите и националната химна. Федералната држава нема да биде држава на “македонскиот народ”, туку федерација која што ќе ја сочинуваат повеќе националности, под претпоставката дека македонците се националност, се вели во текстот. 
Идентични тези и во последната анализа на весникот „Катимерини“, во која што се вели дека доколку ВМРО-ДПМНЕ ја загуби власта, ќе пропаднела и десетгодишната политика на „македонизмот”.

„Лидерот на втората партија во редот за формирање влада, Зоран Заев, кој што заедно со албанците го формира владиното мнозинство, знае дека можеби нема да има друга ваква шанса, затоа што ако во земјата се одржат нови избори, Груевски може да победи прогласувајќи го за национален предавник”. А во однос на третата страна, албанците, најголемиот момент после потпишувањето на Охридскиот договор во 2001-ва е токму сега. Сега е всушност момент да се направи уште еден голем чекор кон федерализација на земјата и оттогаш натаму во следните години веќе се ќе биде можно, се вели во анализата на „Катимерини.

Во продолжение на текстот шефот на државата Иванов се обвинува за наводно грубо кршење на Уставот, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски за национализам.

„Катимерини“ пишува дека ваквата домашна криза досега вообичаено ќе беше решена пред сѐ од страна на американците, со помош од европејците, но промената на власта во САД создала опасен вакуум во моќта на Балканот, кој што наводно се експлоатирал од страна на Москва. Во анализата со незадоволство се коментира и процесот што влијателни американски сенатори го покренаа против американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, имплицирајќи дека токму Груевски стоел зад целата работа.

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ