Претседателот Иванов во работна посета на Унгарија

20.03.2017 15:59

Ургентно е потребно конститутивната седница на Собранието да биде завршена, а мнозинството да се откаже од тиранската платформа за да може да го добие мандатот за влада- порача претседателот Иванов. И се заблагодари на Унгарија за иницијативата до советот на Унијата да се отфрли и осуди документот подготвен во соседна земја.

Десет години им даваме лажни ветувања на нашите пријатели за интеграција во НАТО. Сега е вистински момент за реализација на тие ветувања. Унгарскиот претседател Адер Јанош по средбите со неговиот гостин, претседателот Иванов, испрати порака до Унијата и уште еднаш ја повтори поддршката на неговата земја за Македонија. Рече дека стабилноста на Унијата, зависи од стабилноста на Балканот. Јанош рече дека претседателот Иванов мора да дејствува за решавање на политичката криза.

„Одговарањето на ова прашање не припаѓа на мојата надлежност, туку на македонските власти, македонскиот Уставен суд“, нагласи Јанош.

Досега очекував платформата да биде отфрлена, но бидејќи тоа не се случи, постои опасност и друга држава да го следи примерот на Албанија, и да се меша во внатрешните работи на земјата. Ова го истакна претседателот Иванов, кој од Будимпешта најави кои се следните чекори за разрешување на кризата.

„Ургентно е потребно конститутивната седница на Собранието на Република Македонија да биде завршена, да се избере претседател и да можат активностите кои ги имаме како држава, нормално да се спроведуваат. Сега ни се блокирани и локалните избори, но се ближи и рокот кога завршува прогласената кризна состојба на јужната и на северната граница поради илегалната миграција. Тоа е неопходно. Второ е мнозинството да мнозинството треба да се откаже од тиранската платформа за да може да го добие мандатот за да се формира влада која ќе почне да се справи со сите овие предизвици. Има правни пречки кои би се совладале, доколку заврши конститутивната седница, и има политичка пречка, а тоа е да се отфрли и осуди платформата од Тирана“, рече Иванов.

И Иванов побара поддршка и јасен став од Унијата. ЕУ интеграција за балканска стабилизација. Двајцата претседатели побараа од Брисел итни и храбри чекори. Потсетија дека кризата што владее во овие земји, вклучително и во Македонија, многу брзо може да се прелее и во соседтвото.

Освен за политичката криза, македонскиот и унгарскиот претседател зборувале и за мигрантската криза, која е се уште опасност за целиот континент. Во еднодневната посета на Иванов на Будимпешта, предвидена е посета и со премиерот Виктор Орбан, на која се очекува да зборуваат за истите теми.

Катерина Топалова, специјален известувач од Будимпешта за МРТ