На Саемот на книга претставена програмата „Култура“ на „Креативна Европа“

06.04.2017 16:20

о поддршка на ЕУ се преведени 109 дела од европски автори на македонски јазик.

На Саемот на книгата, претставена програмата „Култура“ на „Креативна Европа“. Преку литературни преводи во изминатите три години се поддржани 14 проекти на девет издавачки куќи. Со поддршка на ЕУ се преведени 109 дела од европски автори на македонски јазик.

Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ на отворањето на настанот рече дека Македонија, заедно со Бугарија, Словенија, Унгарија, Србија и Хрватска, е лидер во користењето на средствата за книжевни преводи од овој европски фонд. Посочи дека досегашната имплементација на програмата „Култура“ на „Креативна Европа“ потврдува дека македонскиот културен сектор ги следи искуствата, интересот, квалитетот и континуитетот од претходната програма „Култура 2007-2013“ која, како што рече, докажа дека операторите во нашата земја ги следат европските трендови и поседуваат капацитет за висококвалитетен концепт кој треба да и се понуди на македонската публика.

Од друга страна, исклучителните резултати, повеќе од 260 преводи на дела од европската книжевност на издавачките куќи од Република Македонија, отворија нови хоризонти за македонските читатели, односно и овозможија на македонската културна јавност да ги прошири своите знаења за актуелното творештво и наследство на земјите членки кои беа дел од програмата „Култура 2007-2013“, рече Недељковиќ.

Тој ги охрабри потенцијалните корисници, националните и локалните институции, здруженија, приватни организации од областа на културните и креативните сектори и пошироко, активно да се вклучат во користењето на овој инструмент на ЕУ преку кој, рече, може да учествуваат и да реализираат голем број проекти со европска димензија.