Ракомет - ЛШ (ж) четвртфинале

Вардар преку Митјиланд кон фајнл - фор

09.04.2017 20:22

Вардарки ги сопреа брзиот центар и транзиција на домашните ракометарки кои од контранапад постигнаа само шест гола, од стартните 12 минути во период од седум не примија гол и брзо направија предност од 7:4. Збунетите ракометарки на Митјиланд немаа одговор...

Вардар победи затоа што е поквалитетен  од Митјиланд и само големо изненадување може да го оддалечи од завршниот турнир во Лигата на шампионите, но пропушти шанса ушто во Данска да обезбеди фајнл - фор. Триумфот од 28:26 е резултат на одличната подготовка на натпреварот на стручниот тандем, Кокшаров - Станковски, на тактичкото изненадување во одбраната 5-1, на осумдесетпроцентната ефикасност и на одличната Лејно, сето тоа во првото полувреме.

Вардарки ги сопреа брзиот центар и транзиција на домашните ракометарки кои од контранапад постигнаа само шест гола, од стартните 12 минути во период од седум не примија гол и брзо направија предност од 7:4. Збунетите ракометарки на Митјиланд немаа одговор, Енглерт имаше само две интервенции, па црвено - црната позитива постојано растеше, со серијата 6:2 на пет гола во 21-та, до највисоки 18:11 во 28-та минута.

Играњето без класичен плејмејкер се почувствува во второто полувреме, ракометарките на Вардар беа нестрпливи во нападите, ги завршуваа брзо од неизградени позиции и овозможија на Германката да се разбрани и да стигне до 11 одбрани. Преку кружните напаѓачки Митјиланд наоѓаше начин да ја пробие дефанзивната зона на Вардар и постојано да ја намалува негативата, па со серија од 4:0 да дојде и до напад за израмнување во 54-та минута при резултат 25:24.

Сепак, вардарки преку недоволно оправената Лекиќ која играше во завршницата имаа доволно концентрација да го прекинат седуминутниот пост без постигнат погодок и победосно да го завршат шестиот дуел против Митјиланд.

Во петтата победа, статистички најмногу вградија, Пенезиќ 7, Лакрабер 5 и Лазовиќ 4 гола, како и Лејно 12 одбрани. Кај Митјиланд кој не славел ниту еднаш во трите дуели  во Скопје и во времето кога како Икаст му гостуваше на Кометал Ѓорче Петров, најефикасни беа Остергард - Јенсен со 5 и Јоргенсен, Бургард и Блом со по 4 погодоци.

В сабота во Јане Сандански, црвено - црните дами ќе бидат поздрави, Ирина Дибирова ќе се врати на клупата откако не беше во Данска од семејни причини, па реваншот треба да биде само потврда на четвртото елитно полуфинале.