Да се интензивира економската соработка меѓу Македонија и БиХ

20.04.2017 12:59

Добрата билатерална соработка меѓу Македонија и Босна и Херцеговина треба да се искористи, за да се засили економската соработка, оценија претседателот Иванов и претседавачот Иваниќ на бизнис- форумот во Скопје, каде што е потпишана спогодбата за конкретна соработка меѓу двете земји. Босна и Херцеговина е на 20-то место според надворешно трговската размена со Македонија.

Добрата билатерална соработка меѓу Македонија и Босна и Херцеговина да се искористи за да поблиски економски односи- апелираа претседателите на двете земји, Иванов и Иваниќ. Од бизнис- форум во Скопје порачаа дека инвеститорите треба да добијат шанса да вложуваат и да отвораат нови работни места.

„Имаме одлични билатерални односи и соработка во рамките на регионалните иницијативи, а споделуваме и заедничка визија за иднината во ЕУ. Но, едно нешто недостасува- тоа е поинтензивна економска соработка. Затоа сме денес тука, бидејќи веруваме дека можеме многу подобро. Тука сме за да ја надополниме соработката меѓу стопанствениците, кои се двигатели на нашите економии“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.

Македонските граѓани наскоро во БиХ ќе патуваат само со лична карта. Се планира и деректна авиолинија Скопје- Сараево. „Без економскиот развој нема ниту политичка стабилност“- посочи Иваниќ.

„На просторот на Балканот може многу добро да се соработува, одлично да се живее и да се има пријателски односи. И Македонија и БиХ навистина се повзани со многу заеднички работи, постојат внатрешни дилеми со кои се соочуваме, но нашата силна волја е да бидеме дел од европското семејство“, рече претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.

Босна и Херцеговина е 20-от по голема трговски партнер на Македонија.

„БиХ е еден од најзначајните трговски партнери на РМ, традиционален трговски партнер кој понатаму останува во нашиот фокус“, нагласи заменикот министер за надворешни работи, Илија Исајловски.

Лани трговската размена со Босна и херцеговина изнесувала околу 155,7 милиони американски долари од кои извозот 82, додека увозот 73. Во наредниот период се очекува да биде потпишана спогодба за економска соработка.

 

Дијана Ценевска