Снежно невреме: Априлскиот снег ги изненади Европејците

20.04.2017 14:34

Верижен судир во Словачка поради снежната бура која зафати поголем дел од Европа. Невремето не го заобиколи ни Балканот. Илјадници домаќинства останаа без вода и струја, а секојдневието им е отежнато и во сообраќајот.

Априлскиот снег непријатно ги изненади Европејците. Најголем проблем настана во сообраќајот поради блокадите и застоите, но и домаќинствата се соочуваат со последиците од неочекуваниот снег во овој период од годината кој предизвика прекин на снабдувањето со струја и со вода.

Во карамбол во Словачка беа повредени 24 луѓе, од кои двајца се во сериозна здравствена состојба. Силниот ветер и снежната бура значително ја отежнуваат операцијата за расчистување на автопатот.

„Судирот се случи меѓу камион и 35 други возила“, изјави Јан Голијас, противпожарна екипа во Попрад.

Во Австрија се зголемува снежната покривка, не само на Алпите, туку и во градските подрачја. Патните служби се на терен. На возачите им се обезбедени ќебиња и топли пијалаци, а се активирани и противпожарните екипи кои би ги снабдиле со гориво доколку е потребно. Оние кои нема да успеат да стигнат до дома, може да преноќат во училиштен објект. Состојбата е слична и во Украина и во Русија.

„Април многу не изненади. Не се сеќавам кога последен пат било вака.“

„Само што се подготвив за лето, и ете, снег. Не ризикувам да возам со летни гуми во вакви услови. Подобро ќе одам со јавен превоз.“

Во Романија, голем број од туристите останаа заглавени во планинските одморалишта по Велигденските празници. Влошените временски услови не го заобиколија ни Балканот.

Брегот на Јадранско Море е зафатен од поројни дождови и силен ветер. Во некои делови е забрането движењето на товарни возила, но и пловидбата на фериботи и чамци до островите во Јадранот. Покрај прекинот на струјата, во Сараево беше прекинато и водоснабдувањето поради пукнати цевки. Дебела снежна покривка е регистрирана и во делови од Србија.

Метеоролозите предупредуваат дека наскоро не се очекува подобрување на времето.

Маја Филдишев