Турски компании бараат деловни партнери во Македонија

20.04.2017 15:04

Турски компании бараат деловни партнери за бизнис во земјава. Велат, политичката криза не влијае на развојот на корпорациската соработка што е импулс за заеднички настап на трети пазари. Трговската размена достигнала 450 милиони евра.

Политичката криза не е пречка, нема да влијае на одлуката бизнисот и деловната соработка да се развиваат- турски бизнисмени од Измир бараат партнери во информатичките технологии и здравствениот сектор. Заинтересирани се за инвестиции во Македонија. Таргет, заедничкото учество на трети пазари. На бизнис форум разменија искуства.

„Ние сме цврсто уверени дека на крајот од оваа посета во Турција ќе се вратиме со успешни резултати, ќе имаме можност да воспоставиме соработка и контакти со компании од овде. Ова е наша прва средба и не можеме да зборуваме за инвестиции, но верувам дека во поединечни комуникации ќе се зборува за тоа“- вели Емре Илалан, Стопанска комора на Измир.

Македонските бизнисмени со став- долгорочно не можеме да претпоставиме што ќе се случи, но политичката криза засега нема влијание. Турција е стратешки еконосмки пратнер, има перспективи за развој на унапредување на корпоративната соработка и заедничкото учество во ЕУ проекти.

„Компании од ИТ секторот се заинтересирани да инвестираат и да отворат свои претставништва, како и фирми од фармацевтска соработка, медицински помагала. Македонија и Турција имаат создадено значителни стратешки врски, економската размена е на високо ниво, достигнува 450 милиони евра“, посочи Марија Томовски, Македонско- турска бизнис комора.

Турскиот здравствен сектор веќе има неколку инвестиции во Македонија, домашните бизнисмени гледаат голем потенцијал и можности за соработка во здравстена заштита и фирмите што се занимаваат со дистрибуција и изработка на лекови.

„Со оглед на капацитетите на турскиот здравствен сектор и турксите компании, ова ќе биде вовед за успешна соработка и има многу можности што требда се искористат“, вели Андреја Арсовски, претседател на Групацијата на приватни здравствени компании.

20- тина компании од Измирската трговска комора МАТТО, која брои над 70 илјади членки беа на бизнис форумот во Скопје, остварија и тет- а- тет средби со македонски бизнисмени.

 

Сузана Фиданска- Стоевска