Експлозија на бомба во центарот на Атина

20.04.2017 16:31

Полицијата на терен забележала сомнителна училишна торба пред влезот на банката, по што областа беше евакуирана, а затворени беа и сите околни улици.

Експлозија на бомба доцна вчера вечер го потресе центарот на Атина. Триесет и пет минути пред експлозијата што се случи пред објект на Евробанка, грчка телевизиска станица добила анонимен повик со предупредување. Полицијата на терен забележала сомнителна училишна торба пред влезот на банката, по што областа беше евакуирана, а затворени беа и сите околни улици.

Набргу потоа бомбата експлодира, но за среќа нема човечки жртви и направена е само материјална штета. Станува збор за поголема експлозија, со оглед на огромниот број прозорци од околните згради што беа искршени во инцидентот.

Очевидец на настанот вработен како обезбедување во банката, видел две лица на мотор како ја оставаат торбата и тоа во исто време со анонимниот предупредувачки повик.

Истрагата е во тек и за сега ниту една група сеуште ја нема преземено одговорноста. Овој тип на бомбашки напади во минатото најчесто беа одговорност на екстремните левичарски или анархистички групи.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ