ИКТ опрема во образованието

20.04.2017 16:33

Седум милиони евра за модернизација и осовременување на македонскиот образовен систем. Кина донираше опрема во 27 училишта во Скопје...

Интерактивни табли, систем за е- учење, печатачи, лаптопи, уреди за мрежно поврзување. 27 средни скопски училишта добија опрема од кинеската Влада со која се модернизира и осовременува македонскиот образовен систем. Дел од опремата вредна 7 милиони евра ќе биде инсталирана и на Факултетот за информатички науки и компјутерски инженерство ФИНКИ како дел од проектот за смарт училници.

„Во просториите на Бирото за развој на образованието како дел од донацијата е инсталирана видео-конференциска опрема која ќе се користи исклучиво за одржување обуки на наставници. Опремата е од особено значење во услови кога интензивен е развојот на технолошките достигнувања, а нашите заложби како Влада се сите тие достигнувања да им ги обезбедиме на најмладите при нивната едукација“, рече премиерот Емил Димитриев.

Кинеската амбасадорка Лисјен се надева дека проектот ќе биде завршен до септември годинава и ќе биде од посебна корист за учениците, но и за нивните наставници.

„Кинескиот образовен проект ќе се спроведе во 27 македонски училишта кои имаат капацитет да организираат е-настава. На ФИНКИ ќе се инсталира клауд дата центарот со кој ќе се промовираат информатичките технологии во Македонија. На тој начин ќе се оптимизира распределбата на образовните ресурси и ќе се обезбеди квалитетна настава.  Центарот ќе располага со меморија за видео записи од наставни единици и дигитализирани записи креирани од  самите ученици“, изјави Ји Лисјен, амбасадор на НР Кина во Р. Македонија.

Премиерот Димитриев истакна дека од проектите коишто ги следат глобалните трендови од областа на информатичката технлогија досега се набавени компјутери за учениците, воведени се предмети поврзани со работа на компјутер и основи на програмирање во основното образование, а обезбедени се и интерактивни табли за училиштата.

 

Анита Димитријевска