Идентификуван напаѓачот од Париз, полицијата трага по неговите соработници

21.04.2017 10:22

Идентификуван е напаѓачот од Париз, полицијата трага по неговите соработници. Исламска држава ја презеде одговорноста за убиството на полицаецот во француската престолнина.

Познат е идентитетот на напаѓачот кој усмрти полицаец во Париз, но името нема да се објави се додека не се спроведе истрагата за евентуални соработници. Пред да биде застрелан од полицијата успеа да повреди уште двајца припадници на безбедносните сили.

Исламска држава ја презеде одговорноста преку соопштение на нивната пропагандна служба „Амак“ во кое тврди дека зад нападот во центарот на Париз стои Белгиецот Абу Јусеф, борец од нивните редови.

Непосредно по инцидентот беше извршена рација во домот на сопственикот на автомобилот кој бил користен во нападот. За денеска е закажан вонреден состанок на безбедносните, одбранбените и разузнавачките челници.

„Излегов од продавница и пешачев по тротоарот. Маж излезе од возилото и отвори оган од калашњиков кон полицијата“, изјави очевидец.

Медиумите шпекулираат дека станува збор за 39-годишнен француски или белгиски државјанин со име Карим Ц.

„Беше многу повлечен, којзнае, можеби имал шизофренија. Не очекувавме вакво нешто од него зашто се однесуваше пристојно. Не сум го видел во џамија никогаш“, вели сосед на Карим Ц.

Според претседателот Франсоа Оланд,  овој терористички акт ја дестабилизира безбедноста на Франција пред престојните претседателски избори.

Реакции за инцидентот стигнаа и од американските власти. Потпретседателот Мајк Пенс кој е во посета на Џакарта, одвои време да му оддаде почит на францускиот народ.

„Последниот напад во Париз е само потсетник дека тероризмот може да се активира секаде и во секое време. Ова им е добро познато на САД и на Индонезија“, изјави потпретседателот на САД, Мајк Пенс.

Пред два дена во Марсеј беа уапсени две лица поради план за напад. Во минатиот месец имало 19 антитерористички апсења во Франција.

 

Маја Филдишев