Просечен раст од 3,5 %

21.04.2017 11:21

Светската економија годинава ќе има просечен раст од 3,5 проценти. За Македонија се прогнозира раст од 3,2 насто...

Меѓународниот Монетарен Фонд и Светска банка за првпат по економската криза излегоа со оптимистички прогнози за светската економија. За 2017-та година за сите земји членки на овие организации се предвидува позитивен економски раст. Македонија ќе има економски раст од 3,2 проценти што е над европскиот просек од 3 процентни поени.

„Предвидуваме раст од 3,5 проценти за 2017-та а за 2018-та 3,6, што е значителен пораст од 2016-та кога беше само 3,1 процент. Ова се добри вести, но мора да се осигураме дека овој моментум е одржлив и дека ќе продолжиме со тој раст. Поважно е растот да се споделува еднакво“, изјави Кристин Лагард, директор на ММФ.

„Охрабрени сме од посилните економски просперитети по неколку години разочарувачки економски раст. Се уште постојат многу ризици и државите што имаат фискален простор треба да продолжат со структурните реформи.Ова е значајно за да се постигне инклузивен економски раст неопходен за завршување на екстремната сиромаштија до 2030-та“, изјави Џим Јонг Ким, претседател на Светска Банка.

ММФ и Светска банка сметаат дека трговските договори не се најголемат причина за намалување на работните места, туку автоматизацијата на производството. Директните странски инвестиции се главен мотор за реформи во државите отколку заемите од Светска банка и ММФ, оценуваат првите луѓе на овие организации. Конфликтите и природните непогоди се уште негативно е влијаат на економијата во светот. 

Според ММФ и Светска банка, приоритети за идниот период е одржување на економскиот раст и зголемување на продуктивноста преку трговијата и иновациите.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ