Задоволително остварување

21.04.2017 13:33

Состојбите со берзантското тргување во Македонија се задоволителни. Во првиот квартал од годината е реализиран промет од 16,8 милиони евра...

Реализираниот промет на Македонската берза во првиот квартал од годината е солиден. Но, политичката криза негативно влијае врз берзантското работење за што говори отсуството на странски инвестиии на почетокот на вториот квартал. Пазарот целосно се потпира врз македонски инвестиции поради што сите фактори работат на ублажување на последиците од воздржувањето на инвеститорите да вложуваат во македонските компании.

„Резултатите од берзантското тргување од првиот квартал се накратко следниве: вкупниот промет по сите основи изнесува неполни 17 милиони евра, тој е сосема задоволителен податок. Тоа е втор најдобар прв квартал во последните пет години, ценовната перформанса МБИ 10 индексот е пораснат заклучно со вчера за неполни 5 проценти“, изјави Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза.

По светската економска криза пазарите во регионот повторно се соочуваат со тешкотии во финансирањето на растот и развојот. Банкарскиот сектор кој е бавен е главен извор на финансирање.

„Тоа е криза која произлегува поради стандардниот начин на финансирање на компаниите во транзицискиот период, во последните 25 години, при што доминира задолжувањето кај банките. Тоа покажува дека сопствениците на капиталот сеуште не ги научиле лекциите за можностите што ги нуди пазарот на капитал“, изјави Синиша Крнета, директор на Белградска берза.

На конференцијата беше укажано дека и политичките структури не го користат пазарот на капитал за развој на националните економии, што може да придонесе за зголемување на бруто националниот производ и намалување на невработеноста.

Сашо Нелоски