Протести во Венецуела: Вооружени банди нападнаа болница

21.04.2017 15:15

Министерот за надворешни работи на венецуела тврди дека опозицијата ангажирала вооружени банди за нападот врз родилиште.

Вооружените банди нападнаа болница во Венецуела во која имало 54 деца. Властите ги обвинуваат опонентите на претседателот Николас Мадуро за инцидентот по кој беше издадена наредба за евакуација. По неколку дневните насилни судири меѓу Националната гарда и поддржувачите на опозицијата, Мадуро се прогласи себеси за „Доктор љубов“

„Ветувам дека ќе бидам доктор на душата, на духот и на љубовта. Од денеска сум „Доктор Љубов“. Ви благодарам за убавиот симбол. Со овој стетоскоп ќе се грижам за срцата на луѓето. Тие се најважни за земјата, а не олигарсите и елитата полни со омраза“, изјави претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

Месецов загинаа осум лица, а  се уапсени  270 за време на протестите против шефот на државата која се бори со политичка и економска криза.

Мадуро го обвинуваат за непочитување на демократијата и влошување на економијата, а тој тврди дека собирите се обид за пуч,  поради укинувањето на социјализмот.

Во исто време, безбедносните сили се незадоволни со ниската плата, па голема е веројатноста да продолжат насилните судири и протести, а сето тоа им наштетува на регрутацијата и задржувањето на вработените.

Обидите за дијалог меѓу владата и опозицијата пропаднаа така што не може да се очекува обновување на какви било преговори во догледно време.

Една од алтернативите за смирување на состојбата е Националниот изборен совет кој би можел да распише регионални избори кои требаше да се одржат во декември лани. Аналитичарите повеќе веруваат во ново продолжение на вербалните препукувања и насилства на протестите.

 

Маја Филдишев