Родителите на деца со посебни потреби на средба со пратениците

21.04.2017 15:43

Родителите на децата со посебни потреби вчера ги поставија шаторите пред Собранието и ја поминаа првата ноќ под отворено небо. Апелираат државата да им излезе во пресрет, за да им се подобрат условите за живот на нивните најмили. Денеска остварија средби со претставници на ВМРО- ДПМНЕ и на СДСМ.

Студената ноќ ја минаа во шатор, со надеж дека утрото ќе донесе подобра иднина за нивните најмили. Родителите на децата со попреченост беа повикани во Собранието. Претставници од надлежните институции и пратеници им ветија дека дел од барањата ќе се реализираат уште од следната недела. Во решавање на проблемите ќе бидат вклучени и здруженијата.

„Да бидат вклучени сите невладини здруженија кои на институционално ниво ќе ги решаваат проблемите понатаму. Односно, да не бидеме приморани ние како родители или претставници на здруженија, за да бидеме видени, во знак на револт да поддржуваме активности како протест или симболични кампувања, туку напротив тоа да биде подинамично и почесто да контактираме со институциите“, изјави Александар Петров, Здружение на родители на деца со ендокринолошки заболувања „Раст“.

Вакви средби ќе има секој месец- родителите имаат надеж дека конечно ќе ја добијат помошта од институциите.

„Дадоа ветувања дека ќе се забрзаат одредени работи и дека веќе од понеделник ќе се има конкретни чекори, па останува да видиме што ќе се случи од сето тоа. И вечер ќе останеме тука затоа што се надеваме дека овој пат навистина ќе се случи чудо и ќе се преземат конкретни чекори за нашите проблеми“, вели Сузана Стојановска, родител.

Спроти Собранието, во паркот „Жена борец“, родителите на децата со попреченост ќе останат и оваа ноќ. Велат, ќе кампуваат секој месец, сѐ до исполнување на нивните барања- современа терапија, стручен кадар и дневни центри.

 

Андријана Атанасовска