Прилеп: Традиција на Источен петок по Велигден

21.04.2017 15:49

Најстарата прилепска населба под Марковите кули, Варош, и манастирскиот бисер „Свети Архангел Михаил“ денеска на верскиот празник Голем или Источен Петок, прв по Велигден ширум ги отворија портите за бројни гости, патници, намерници. Прославата има повеќевековна традиција.

Варошкото семејство Лучески ја продолжува традицијата од дедо- прадедо за прославата на Голем или Источен петок, првиот по Велигден. Портите се ширум отворени за гостите, патниците, намерниците. Одекнаа и зурлите и тапаните.

Бројни посетители од земјава денеска се и на манастирот „Свети Архангел Михаил“.  Млади и стари не заборавија да налеат од, велат, лековитата манастирска вода.

Според етнолозите, две причини се за повеќевековната традиција на прославата на Голем или Источен петок. Најстарата прилепска населба била балкански панаѓурски центар со трговци и стоки и од европските земји. А,никој не можел да го одмине ниту митот за манастирската чудотворна вода.

Варошките и манастирските порти на Голем петок по Велигден секогаш ќе останат отоврени. За да продолжат една вековна традиција.

 

Елизабета Митреска