Голем пожар во скопски Карпош, нема повредени

21.04.2017 16:10

Голем пожар попладнево беснееше кај училиштето „Здравко Цветковски“ на булеварот „Партизански одреди“. Беа зафатени бараки на Иститутот за социолошки и политичко- правни истражувања, како и на Заводот за урбанизам. Интервенираа 40 пожарникари. Ветрот значително им ја отежна работата. Нема повредени.

Пожарот е локализиран, нема повредени. Се гаснеше два часа. Интервенираа 40 пожарникари со 15 возила. Бил активиран и Градскиот штаб од каде што дополнително испратиле 8 возила за асистенција на противпожарните цистерни со вода. Ветерот беше дополнителен проблем.

Учениците од средното училиште „Здравко Цветковски“ беа евакуирани навреме, како и вработените од Институтот за социо-политички истражувања.

Избегната е поголема хаварија и несреќа. Со локализацијата на пожарот беше спречено неговото ширење кон станицата за снабдување со природен гас за образовната установа која се наоѓа веднаш до изгорените бараки.

По гаснењето, форензичарите ја почнаа истрагата. Општината Карпош пак, на чија што територија се случи пожарот во кој изгоре поранешниот Градски завод за урбанизам, а со него и дел од историјата на градот, но и значајни урбанистички планови, од МВР побара темелна истрага. Според нив, пожарот брзо се ширел.

 

Наташа Гркова- Петрушевска