ЖРК Вардар поразен по продолженија, Ѓер нов европски шампион

07.05.2017 20:50

„Црвено-црните“ имаа убава шанса уште регуларниот дел од натпреварот да ги решат сите дилеми, но во последните 40-тина секунди не стигнаа да реализираат за победнички гол, па остана 26:26 и натпреварот отиде во продолженија од 2х5 минути.

Седумдесет минути траеше финалето на Лигата на шампионите, и дури после продолженијата беше решено кој ќе биде новиот европски првак. Ѓер успеа по третпат да биде на врвот, а Вардар првпат го освојува сребрениот медал. Унгарките победија со 31:30 (26:26, 15:12).

По трите бронзени медали, Вардар сега од „фајнал фор“ се враќа со сребро. „Црвено-црните“ имаа убава шанса уште регуларниот дел од натпреварот да ги решат сите дилеми, но во последните 40-тина секунди не стигнаа да реализираат за победнички гол, па остана 26:26 и натпреварот отиде во продолженија од 2х5 минути.

А таму Ѓер веднаш зголеми на 29:26. Првите пет минути завршија во корист на Унгарките кои водеа со 29:28. Неизвесноста ја имаше во секој напад, во секоја топка. Така беше и во вториот дел од продолжението, но клучно беше што при резултат 30:29 и со играч повеќе македонскиот првак не реализира, односно судиите свиреа пробивање од Лакрабер. Потоа Мерк постигна гол за водство 31:29. Вардарки возвратија но последниот напад го имаа домаќинките. И добија шанса од судиите да ја држат топката до крај.

Вардарки во текот на првото полувреме правеа доста технички грешки што беше и главната причина за водството на Ѓер. Од друга страна на моменти се толерираше и доста острата игра на противничките играчи, кои не се штедеа само да ги сопрат нашите играчи.

Вардар поведе, а Ѓер израмни и го презеде водството. Потоа се играше израмнето се до 16 минута, кога Александра Лакрабер беше исклучена, а тоа Ѓер го искористи за два гол аво серија. Но, на секоја наша техничка грешка Унгарките возвраќаа со гол, па постигнаа уште два, а ние имавме лош период од 10 минути без реализиран напад. Иако Ина Суслина токму во тој период имаше и три одбрани, во нападот, нашиот претставник немаше решение, промашени топки, технички грешки, а Ѓер тоа го искористи да се одлепи на „плус 4″.

Во првото полувреме Ѓер имаше 52 отсто реализација на нападот и 71 отсто одбранети топки, за разлика од Вардар каде тој процент беше помал, 40 отсто одбранети топки и 60 отсто во нападот и осум загубени топки во овој период.

Претходно во натпревар за третото место ЧСМ Букурешт го победи Будуќност со 26:20.