„Дон Жуан“ премиерно во Битолскиот Народен театар

15.05.2017 10:21

„Дон Жуан“ од Молиер е најновата премиера на Битолскиот Народен театар, претстава која за прв пат се поставува на оваа сцена, во режија на Андреј Цветановски.

Битолскиот Народен театар се подготува за петтата премиера годинава. „Дон Жуан“ од Молиер е најновата премиера на Битолскиот Народен театар, претстава која за прв пат се поставува на оваа сцена, во режија на Андреј Цветановски. Премиерата на „Дон Жуан“ е вечер, а зад целосната подготовка стои млада екипа, со своја визија за ова големо дело од класицизмот.

Во претставата ќе настапат актерите Дамјан Цветановски, кој ја игра улогата на Дон Жуан, Сергеј Димовски, Борис Чоревски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Борче Ѓаковски, Сандра Грибовска, Петар Спировски и Ангела Димитрова.

Сценографијата за „Дон Жуан“ ја подготви сценографот Сергеј Светозарев, костимографијата е на Марта Дојчиновска, музиката на Димитар Андоновски, а адаптацијата на ова молиерово дело ја изврши Дарко Јан Спасов.