Изложба на детски ликовни творби во Битола

17.05.2017 10:48

Во битолскиот Центар на културата напладне се отвори 42-рата државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“. Претставените 52 колекции со 474 цртежи потрвдуваат дека вековните корени се предизвик и за најновите генерации, а нивните дела изработени во најразлични техники претставуваат еден своевиден континуитет на традицијата.

Уште еден креативен блесок на детската ликовна фантазија при навракањето на народните вредности. Вековното творештво на народниот гениј отсекогаш било и ќе биде темел и инспирација за создавање на нови вредности на материјалното и духовно богаство. Шаренилото и квалитетот на делата изработени во најразлични техники изложени во фоајето на битолскиот Центар на културата само потврди дека темата  со максимална посветенос ја прифатиле учениците на педесет основни училишта. Велат таа нѐ инспирира во творештвото, но и ни помага да ги осознаеме нашите корени.

„Моето дело го насликав додека бев на гости кај баба ми на село. Тука ги забележав куќите со стара архитектура и решив тоа да го насликам“, вели еден основец од Кавадарци.

„На хамер хартија естетски залепивме стари ткаенини, тутун и други прозводи кои сведочат за нашето минато“, вели негова школска другарка.

„Темата навистина ме инспирира, моето дело го насликав во темперна техника“, вели една битолска основка.

Тричленото републичко жири од пристигнатото за државната изложба, издвои 52 колекции со 474 ликовни дела. Велат дека се задоволни и од квантитетот, а посебно од квалитетот и интересот на учениците.

„Оваа година ми остави впечаток што сѐ повеке учествуваат училишта од селските средини и ученици кои се од најмалите возрасни категории, тоа секако дека ѝ дава еден своевиден белег на изложбата“, вели претседателот на републичкото жири, Панде Петровски.

Доделија една специјална награда за континуирано четири пати по ред прогласена најдобра колекција,13 рамноправни награди за колекции и 34 поединечни награди за најдобри ликовни дела на изложбата.

Стевче Митревски