„Атена со пенис“ премиерно на сцената на Драмски театар

17.05.2017 14:47

В петок на сцената во Драмски премиерно ќе биде прикажана претставата „Атена со пенис“ која е сценска адаптација на романот на Александар Русјаков во режија на Синиша Ефтимов. Претставата од комична позиција се занимава со сѐ поизразената деградација на општествените, семејните и културните вредности. Актерската екипа ја сочинува половина од ансамблот на Драмскиот театар.

Во претставата што се подготвуваше два месеца учестуваа поголемиот дел од ансамблот на театарот. Авторот Русјаков и режисерот Евтимов ветуваат вистински хит кој ќе ги врати редиците пред билетарата на Драмски.

Како дел од екипата се и веќе пензионираните актери Диме Илиев, Ванчо Петрушевски и Гоце Тодоровски, кои со радост ја прифатиле поканата на режисерот да бидат дел од претстава. Главната улога ја толкува Рубенс Муратовски. Го глуми Виктор- просечен средовечен македонски шалабајзер кој живее лесен и безгрижен живот, сѐ до еден момент.

Покрај премиерата, Драмскиот театар во наредните месеци ќе има гостувања во Прилеп и во Битола, а претставата „Јов“ по текст на Венко Андоновски ќе се игра на регионалниот фестивал во Сараево.

 

Викторија Милевска