Одржливи граници на јавниот и државниот долг

17.05.2017 15:44

Студијата на невладината „Фајнанс тинк“ покажала дека одржливи граници на македонскиот државен долг се од 41 до 48,7% од БДП, додека за јавниот долг одржливо ниво е меѓу 51 и 59,2%. Аналитичарите сметаат дека има простор за нови задолжувања, но препорачуваат- тие да бидат насочени во продуктивни инвестиции.

Студијата на невладината „Фајнанс тинк“ покажала дека одржливи граници на македонскиот државен долг се од 41 до 48,7% од БДП. Додека за јавниот долг одржливо ниво е меѓу 51 и 59,2%. Според податоците на ресорот за финанасии долгот е речиси двојно зголемен за 8 години, а трошоците за камати се зголемиле од 51 на 110 милиони евра годишно. Државниот долг на крајот на 2016-та достигнал 3,9 милијарди евра односно 39,1% од БДП, додека јавниот долг изнесува 4,7 милијарди евра односно 47, 8% од БДП. Аналитичарите сметаат дека има одреден простор за нови задолжувања од околу 4 процентни поени на БДП, но како што велат, исклучиво за продуктивни инвестиции.

„Имаме уште некои 4 проценти од БДП, простор кој може да го користиме. Меѓутоа овој простор може да се менува, да се зголемува или намалува, доколку успееме моменталната ситуација да ја насочиме кон зголемување. Тоа значи, во иднина ако наш приоритет станат капиталните расходи кои ќе создадат нова додадена вредност, ќе го зголемат индустриското производство, тогаш овој просотор ќе се шири. Затоа е важно идните задолжувања во која насока ќе ги искористиме, односно за продуктивни цели“, вели Благица Петрески од „Фајнанс тинк“.

Во студијата биле разгледани 5 различни сценарија за нивото на задолженост, во зависност од реалната стапка на раст на БДП, растот на каматите, примарниот биланс, капиталните трошења и реалниот ефективен девизен курс

„Моменталното ниво на македонскиоот државен и јавен долг се уште е во рамките на одржливоста, меѓутоа се движи кон границите на одржливоста. тоа значи дека иако можеби простор за нови задолжувања постои, големиот дел на фискалниот простор е веќе конзумиран, односно искористен. Заатоа главните препораки кои ги дава оваа истражувачка студија се однесуваат дека насоките треба да бидат фокусирани кон исклучително продуктивни капитални инвестиции“, изјави Теодора Арсовска од „Фајнанс тинк“.

Студијата дава конкретни препораки за носителите на економски политики кога е во прашање одржливото ниво на долгот. Идните задолжувања да бидат исклучиво за продуктивни цели, да се елиминираат сите непродуктивни трошења, да се изврши темелна ревизија на фискалната стратегија и да се стабилизира деловното окружување, преку обезбедување политичка, правна и институционална стабилност, што ќе даде нов поттик на растот, како и свртување кон домашниот пазар на капитал за нови задолжувања.

 

Свето Николовски