Трет циклус саеми за вработување- можност за поврзување на понудата и побарувачката

18.05.2017 14:32

Отворен е третиот циклус саеми за вработување. Надлежните се надеваат дека 60 компании кои учествуваат ќе понудат доволно работни места за заинтересираните баратели на работа. Искуството од претходните годни покажало дека ваквиот начин на средби помеѓу компаниите и невработените дава резултат.

Посетителите имаат можност да се запознаат со условите што ги нудат работодавците за вработување, како и за нивно вклучување во програмите. Компаниите пак, можност да го најдат потребниот кадар.

„Ги покануваме невработените да дојдат на нашиот штанд, да се запознаат со можностите, отворените работни места кои во моментот „Ван Хол“ ги нуди. Пред се станува збор за занаетчиски профили- автомеханичари, бравари, заварувачи“, изјави Виктор Дојчиновски, менаџер за човечки ресурси.

„Тука сме да им ги понудиме сите обуки на оние лица кои се во потрага по ново вработување, промена на работно место или преквалификација која сакаат да ја направат“, изјави Анче Јовановска, менаџер за човечки ресурси.

Според надлежните, саемите и другите мерки за вработување даваат резултати.

„Во периодот 2007-2016 година во активните програми и мерки за вработување што ги спроведува Владата и МТСП преку АВРМ, учествувале повеќе од 102.000 невработени лица, а во моментов вработени се 43% од нив“, изјави министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.

Покрај во Скопје, во текот на наредните триесеттина дена, ќе се одржат вакви настани и во други градови низ државата.

„Се надевам дека и денешниот саем на кој присуствуваат 60 компании, ќе даде доволен мотив и стимул, да се оставе си-ви, да се појде на интервју, и на крајот да се добие работно место“, рече директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Според податоците на Агенцијата, на досегашните саеми за вработување, работа нашле над 2.500 лица.

Наташа Јанчиќ