Венецуела: Мадуро почна да ја распоредува војската

18.05.2017 14:43

Венецуелскиот претседател почна да распоредува војници во Тачира, една од 23-те венецуелски сојузни држави, по грабежите и нападите во изминатите два месеца колку што траат протестите во земјата во кои досега загинаа 43 луѓе.

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро почна да распоредува војници во Тачира, една од 23-те венецуелски сојузни држави, по грабежите и нападите во изминатите два месеца колку што траат протестите во земјата во кои досега загинаа 43 луѓе. Ноќта меѓу вторникот и средата биле ограбени десетина продавници, и запалени биле две полициски станици. Министерот за одбрана изјави дека наредил распоредување на 2.000 војници и 600 агенти за специјални операции по барање на претседател николас мадуро.

„Се подготвуваат за марш со факели. Со сите фашистички симболи и знаци. Како светот веќе да не знаеше“, рече Мадуро.

Ден претходно шефот на државата повторно ја продолжи економската вонредна состојба којашто е на сила од јануари 2016-та година, што му овозможува ограничување на уставните гаранции и преземеање посебни мерки во доменот на „општествениот, економскиот, политичкиот и судскиот ред“. Венецуела од почетокот на април ја тресе бран масовни протести и судири, а бројот на смртно настраданите се зголемува речиси секојдневно. Последната жртва е 15-годишен демонстрант.

„Сакаме слобода, фер избори, ослободување на политичките затвореници. Сакаме да имаме лекови, храна и живот во Венецуела, а не да си одиме“.

„Во сабота ќе бидат 50 дена како сме на улиците. Она што го бараме е слобода. Она што го сакаме се избори, слобода за политичките затвореници за да можат да живеат. Не сакаме да ни ја одземат државата. Она за што се бориме е нашата земја“, велат демонстрантите.

Демонстрантите бараат оставка од Мадуро кој, според нив, ја предизвикал најголемата финансиска криза. Советот за безбедност на ОН на барање на САД вчера за првпат расправаше за ситуацијата во Венецуела, при што била изразена загриженост дека кризата може да се развие во поголем судир како оние во Сирија или во Јужен Судан. Венецуелскиот амбасадор Рафаел Рамирез ја нарече седницата „мешање на САД во внатрешните прашања на Венецуела“.

Марина Автовска