Отворен хаб за поддршка на претпримачки идеи

18.05.2017 15:11

Со поддршка на швајцарската амбасада во рамките на Стопанската комора на северозападна Македонија е отворен „Креативен хаб“. Во него, на едно место ќе бидат овозможени менторство, обуки, семинари, консултации со стручни лица на сите млади претприемачи, жените од помалку развиените региони, кои имаат идеја за бизнис...

Со поддршка на амбасадата на Швајцарија, во рамките на Стопанската комора на северозападна Македонија е отворен „Креативен хаб“. Во овој своевиден центар младите и креативни луѓе ќе можат да добијат поддршка во реализирање на нивните бизнис- идеи. На едно место ќе бидат овозможени: менторство, обуки, семинари, консултации со стручни лица за сите млади претприемачи, жени, жителите од помалку развиените региони, лицата од ранливите категории, сите кои имаат креативна идеја за почнување бизнис.

„Со отворањето на овој хаб нашите очекувања се кренати на повисоко ниво. Очекуваме да се обезбедуваат соодветни услуги за младите претприемачи, да им се помогне нивните визии, идеи да ги реализираат во успешни приказни“, изјави Стефан Томаџан, заменик амбасадор во Амбасадата на Швајцарија во Р. Македонија.

„Место со кое ќе одговориме на општествените проблеми кои што со години сме ги разговарале, како што се проблемите со нерамномерниот регинален развој, со зголемување на невработеноста“, вели Фатмир Битиќи, извшен директор во Стопанска комора на северозападна Македонија.

„Програмата за зголемување на пазарната вработливост“ на Швајцарската агенција за развој и соработка ја имплементираат во земјава „Свис контакт“ и „Преда плус“. Од 2014 па се до 2019 година програмата поддржува најразлични иницијативи, токму како „Криејт хаб“ кои што овозможуваат развој на нови бизниси, даваат можности за нови вработувања, во веќе постојни мали и средни претпријатија, како и можности за вработување на младите и на жените.

„Кои ќе овозможат пристап до пазарот за новите бизниси, токму во сегментот на развивање нови продукти, дизајн, информатички технологии, продукти и услуги во тој сегмент што ќе можат да бидат од помош за раст и развој на компаниите членки на Комората, за развој на новите бзиниси, тоа е генерирање приход на младите професионалци, на жените и на самите старт ап компании и претпријатија“, вели Марјан Степановски, директор на Фондација за одржлив економски развој „Преда плус“.  

„Криејт хаб“ ќе се фокусира и на „социјалното претприемништво “, покрај младите и жените, ќе се фокусира и на ранливите категории, на луѓе кои што доаѓаат од руралните средини, а бројот на апликации за програмата не е ограничен.

 

Свето Николовски