Посетеноста на музеите расте, Спомен- куќата на Мајка Тереза најатрактивна

18.05.2017 16:33

Со зголемен број посетители дочекан Меѓународниот ден на музеите. Статистиката охрабрува дека во земјава расте интересот за историското и културното богатство. Во светот, Лувр сѐ уште го држи приматот за најпосетен.

Со 700.000 посетители од цел свет, Спомен- домот на Мајка Тереза се води како најатрактивен во земјава. Податоците за 2016- та на Министерството за култура покажуваат дека посетеноста во македонските музеи постојано расте.

Археолошкиот музеј, кој работи од пред речиси три години, досега примил повеќе од 60.000 домашни и странски посетители. Музејот на македонската борба, го посетиле повеќе од 250.000 луѓе, а Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево од 2011- та година имала над 250.000 посетители. Музејот на вода во Охрид, пак, кој е најголема културна и туристичка атракција во земјава, го виделе околу 400.000 домашни и странски туристи. Нешто поголема е бројката на посетители и кај Самоиловата тврдина, велат од Заводот и музеј- Охрид.

По повод одбележувањето на меѓународниот ден и најмладите ги посетија музеите и се запознаа со она што го нудат. Беа во улога на археолози.

Светскиот ден на музеите се одбележува од 1977-ма година. Според податоците, во светот најпосетен е музејот Лувр во Франција. Сместен е во зграда од 12- от век и во него се изложени преку 35.000 предмети. Лувр ги чува делата на најголемите уметници, меѓу нив и Мона Лиза од Да Винчи. Најголемиот музеј во светот се наоѓа во Вашингтон. Смитсониан е комплекс од 19 музеи и една галерија. По нив Прадо во Шпанија, Египетскиот музеј во Карио, Ермитаж во Русија.

Учеството на Меѓународниот ден на музеите е сè по масовно од година во година и атрактивно меѓу музеите низ целиот свет. Во 2016-та година учествуваа 35.000 музеи од 145 земји.

 

Викторија Милевска