Потпишан договорот за изградба на Клиничкиот центар

19.05.2017 15:55

Здравство и компаниите го потпишаа договорот за изградба на новиот Клинички центар „Мајка Тереза“ во вредност од речиси 72 милиона евра. Социјалдемократите реагираат- техничката влада нема вакви овластувања.

Претставници на македонските компании „Гранит“ и „Бетон“ и на италијанската „Инсо системи“ со ресорниот министер Никола Тодоров ставија потпис на договорот за изградба на новиот Клинички центар „Мајка Тереза“.

Консултантски тимови од западно- европските земји, четири години работеле на проектирањето на новите објекти. 45 месеци е предвидениот рок за градежните работи, а за најголемиот капитален проект во македонското здравство ќе се потрошат 72 милиони евра. Според, министерот за здравство Никола Тодоров, со изградбата на новиот Клинички центар ќе бидат поставени нови стандарди за квалитет на здравствствените услуги.

„Некои луѓе сакаат нешто да се случи, други посакуваат, но оние вистинските прават навистина да се случи тоа. На овој проект јас и мојот тим работевме напорно и посветено за цело тоа време ја имавме целосна поддршка од владата и од премиерот. Но, овој прокет не е само наш проект. Ова е национален проект. Проект на државата Република Македонија. Здравјето не познава политичка, етничка или каква било припадност, и затоа најважно е овој проект целосно и навремено да се реализира со цел што е можно побргу придобивките од новиот Клинички центар да ги имаат граѓаните и државата“, истакна Тодоров.

Новиот Клинички центар ќе овозможи најсовремен третман на пациентите, транспорт на биолошки материјал кој досега го немало во јавното здравство. Ќе се гради според стандардите за енергетска ефикасност и други современи технолигии за изградба. Новата зграда ќе има девет ката и хелиодром на десетиот кат, со вкупна површина од 47 илјади квадратни метри. 

 

Андријана Атанасовска