„Јасен“ се отвори за јавноста

19.05.2017 16:18

Недопрената убавина се простира на над 30 илјади хектари. Див и мистичен, „Јасен“ е магнет за туристите и за страсните ловџии. Директорот Оливер Андонов вели дека јавното претпријатие нема никаква врска со воените објекти, кои се под надлежност на Армијата.

Резерватот „Јасен“ ги отвори вратите за новинарите. Недопрената убавина која се простира 30. 000 хектари плени со сета своја убавина. „Јасен“ е див и мистичен, вистински магнет за туристите, а од неодамна е отворен за сите. На негова територија лежат три езера, Козјак, Матка и Светка Петка, тие го делат „Јасен“ на два дела.

„Јасен“ пред сѐ е државно ловиште, едно од најпосетуваните во Европа. За разлика од некогаш, кога се ловело без пари, сега секој страствен ловџија треба и да плати. Улов на елен чини 17.000 евра, а за отстрел на дивокоза ќе платите 2.000 евра.

Но, иднината на „Јасен“ за директорот Оливер Андонов е во туризмот. Сѐ повеќе граѓани доаѓаат овде да одмораат, пешачат, планинарат, да берат шумски плодови. Овде едно ноќевање со полн пансион ќе ве чини 100 евра, а во „Јасен“ се подготвува и највкусниот дивеч.

Директорот Андонов тврди дека јавното претпријатие „Јасен“ нема никаква врска со воените објекти и според него тие се исклучиво под надлежност на АРМ.

Во јавното претпријатие „Јасен“ има околу 50 вработени, а остварува приход од околу 120.000 евра.

 

Викторија Милевска