Преговори за формирање нова влада

19.05.2017 16:52

Во седиштето на СДСМ во Скопје средба на лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети. Разговарале за формирањето на новата влада. Од партиите соопштуваат дека се фокусирале на принципите за идното функционирање пред поделбата на ресорите.

Два и пол часа траеше првата средба за формирање на новата влада меѓу мандатарот Зоран Заев и лидерот на интегративците Али Ахмети. По средбата Ахмети кусо соопшти дека ставовите од средбата  ќе бидат во писмен допис.

Теми на средбата беа принципите на соработка, реформската влада и ЕУ и НАТО интеграциите, пишува во кусото соопштение од Бихаќка.

Партискиот портпарол на Социјал- демократите вели дека во моментов поважно е утврдувањето на принципите отколку распределбата на ресорите.

„Сосема е небитно прашањето за ресорската распределба или персоналната распределба на имиња или ресори по политичките партии. Она што е најбитно за Р. Македонија, она што е интерес за Р. Македонија да ги смениме, односно да воспоставиме принцип на фунцкионирање, односно враќање на системот на функционирање во којшто граѓаните Владата ќе ја осеќаат за своја. Доколку остане истиот принцип, или истиот начин или систем на функционирање на власта тогаш се совршено небитни ресорите и персоналните решенија на тие ресори“, изјави Петре Шилегов.

Во следните денови ќе се интензивираат разговорите за составување на новата влада, а на агендата се средбите со лидерите на коалицијата од Алијанса за албанците и со првите луѓе на БЕСА.

Има најава дека по денешната средба на Ахмети со Заев, раководство на ДУИ ќе се состане во Мала Речица каде ќе се разгледуваат следните чекори на партијата до формирањето на владата. Заев очекува разговорите со лидерите на албанскиот блок партии за формирање на новата влада и распределба на ресори, да завршат порано од предвидениот рок од 20 дена.

Миле Ристески