Нова концертна сала

19.05.2017 17:00

Врвна акустика, современа техника- Македонската филхармонија доби музички храм по сите светски стандарди...

Со ексклузивен концерт в недела ќе биде отворен новиот објект на Македонската филхармонија. Како солист ќе настапи пијанистот Симон Трпчески, а концертот ќе биде под диригентско водство на маестро Владимир Ашкенази од Русија. Ќе бидат изведени дела од Трајко Прокопиев, Сергеј Прокофјев и Петар Илич Чајковски. Објектот освен што треба да даде можност за подобрување на условите за работа на уметниците, треба да даде можност и за присуство на голем број светски имиња, диригенти, филхармонии.

„Многу вложивме во овој објект. Со голема љубов, многу труд во овие изминати години, како Министерство за култура и како тим што работеше на изградбата на Македонската филхармонија, навистина дадовме се од себе да имаме еден ваков проект, по сите светски стандарди со најврвна акустика“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.

„Во секој случај ќе биде храм на музиката. Се разбира дека најсреќни ќе бидат филхармоничарите, бидејќи добиваат втор дом каде ќе ја восприемаат магијата на едни сосема нормални услови за работа, што ќе ги инспирира за понатамошни достигнувања“, изјави Симон Трпчески.

Првиот гостин во новата концертна сала е маестро Ашкенази, кој истакна дека е задоволен и инспириран што е во уште една земја која е славјанска и има кирилично писмо.

„Ми се допадна музиката на Трајко Прокопиев. Претпоставувам дека е базирана врз интонациите на локалната музика. Многу ми се допаѓа, се надевам дека добро ќе диригирам. Но, мислам дека оркестарот ја знае одлично и ќе ја отсвират без оглед на тоа што ќе правам јас. Почестен сум што бев одбран да го диригирам овој концерт. Салата мислам дека има добар звук, добра акустика“, изјави маестро Ашкенази.

Зградата на Македонската филхармонија беше стара повеќе од од седум децении. Новиот објект чини 37 милиони евра.

Наташа Јанчиќ