Вардар во финалето во Лигата на шампионите

03.06.2017 20:05

Триумф и историски пласман за дебитантот на Ф4 донесе Лука Циндриќ со голот во последните секунди во драматичната завршница.

Ракометарите на Вардар ќе се борат за шампионскиот трофеј на завршниот „фајнал фор“ турнир од Лигата на шампионите што се одржува во Келн, откако вечерва ја совладаа трофејната Барселона со 26:25.

Триумф и историски пласман за дебитантот на Ф4 донесе Лука Циндриќ со голот во последните секунди во драматичната завршница.

Во поголемиот дел од првото полувреме Барселона беше во водство, а тоа најмногу се должеше поради големиот број технички грешки на македонскиот првак. Кога нашите ракометари заиграа со поголема концентрација успеаја да поведат пред паузата, најпрво со 12:11, а потоа и со 13:12, резултат со кој се отиде на полувреме.

Гол за гол се играше до 44.минута кога за првпат Вардар имаше плус 2 (19:17). Предводени од Кире Лазаров следуваше серија на Барселона од 5:2 за прво водство во второто полувреме (22:21) во 54.минута. Во последните шест минути вистинска драма со среќен крај за Вардар.

Најефикасни во победничкиот состав беа Алекс Душебаев и Иван Чупиќ со по 7 гола, Вуко Боразан постигна 5, Циндриќ 4. Голманот Арпад Штербик беше одличен на голот со 15 одбрани.

За каталонскиот тим настапија македонските репрезентативци Кире Лазаров кој беше најефикасен со 6 реализации и голманот Борко Ристовски кој доби шанса да брани само удари од седум метри.

Претходно во првото полуфинале Пари Сен Жермен го совлада унгарски Веспрем со 27:26.

Финалето е закажано за утре од 18 часот, а дуелот за 3.место е во 15 часот и 15 минути.