„Вивалдијано“ за 57-от роденден на „Охридско лето“

04.08.2017 14:39

Фестивалот „Охридско лето“ денеска го слави својот 57-ми роденден. По тој повод публиката на сцената на Античкиот театар ќе има можност да го проследи светскиот мултимедијален меѓународен проект „Вивалдијано“.

Со светскиот мултимедијален мега проект „Вивалдијано“ на сцената во Античкиот театар вечерва ќе биде одбележан 57-от роденден на Фестивалот „Охридско лето“. Овој меѓународен безвременски проект е составен од реномирани музичари од различни стилови и претставува шарена мешавина на вонвременска музика која се гради врз темелите на барокот.

„Основа на проектите на Вивалдијано се композициите на маестралниот италијански композитор Антонио Вивалди, но претставени на нов, возбудлив начин, преку вештото спојување на класичната музика со модерните елементи. Визуелните 3Д елементи и светлосното шоу дополнително придонесуваат за целокупното чуство на возбуда“, изјави Ѓорѓи Цуцковски- музички селектор.

„Приоритет во овој момент е реализацијата на програмата. Охридско лето има тим кој знае да се справи со сите предизвици. За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата“, изјави Сузана Вренцоска- в.д. директор на Фестивалот „Охридско лето“.

Љубителите на музиката вечерва ќе видат спој помеѓу оркестар на класични музичари, арт рок изведувачи, танчари и наратори.

„Фестивалската публика ќе има можност да види неповторливи креации на Вивалди со рок енергија. На посетителите ќе им понудиме тридимензионално патување низ музиката, со настап на врвни уметници“, вели Јакуб Швејда- организатор на турнејата.

Да потсетиме дека историјата на Охридско лето започна пред 57 години со настапот на оперската дива Ана Липша- Тофовиќ во катедралната црква „Света Софија“.

 

Сашо Нелоски