Производителите и трговците со оружје бараат поддршка за учество на тендери

07.08.2017 16:03

Стопанската комора на Македонија бара да се поедностават постапките за производство, но и за трговија со оружје. Велат- ова ќе придонесе за враќање на квалитетот во индустријата за воена опрема. Очекуваат и да се декласифицираат информациите за тендерите, набавките да бидат јавни и транспарентни...

Поедноставување на постапките за издавање на неопходните дозволи, зацврстување на наменското производство и поддршка и целосно вклучување во тендерите- бараат домашните производители и трговци со оружје, пиротехнички средства и опрема. Од значајни капацитети за производство што врешеле и ремонти на воено технички средства, останаа само мали фирми, секоја зделка ја пратат низа документи и сертификати што го кочат бизнисот. Да се усогласи регулативата, да се унапреди дејноста- кај налдежните институции лобираат од Групаците за оружје и опрема при Стопанската комора.

„Долгорочна стратешка цел ни е враќање на квалитетот на наменското производство во Република Македонија. Во поранешна СФРЈ бевме на трето место по наменското производство на воена опрема. Сите останати напреднаа, а ние заостанавме. Кај нас сега нема наменско производство, туку има само некои мали фирми кои се занимаваат со оваа дејност“- изјави Димитар Мангутов, од Групација за оружје и опрема при СКМ.

Со став дека иако домашните фирми имаат депонирано искуство и по деценија ипол наместо да комуницираат со нив, институциите остварувале директна комуникација со странски компании, од Групација бараат цената да не биде главен фактор, да се бодуваат рефенците за квалитет, да се декласифицираат сите информациите за набавки под строго доверливо или воена тајна за кои се трошат буџетски пари.

„Не гледаме зошто кај нас би требало да бидат класифицирани информациите. Тоа само ни прави проблеми кога ќе добиеме класифицирана информација за набавка и треба да се јавиме кај наш странски партнер да бараме понуда. Како да бараме понуда кога не смееме да дадеме информација. Затоа бараме тоа максимално да се упрости и набавките целосно да се декласифицираат“, вели Јовица Гуричиќ- Групација за оружје и опрема при Стопанската комора.

Фирмите од оваа дејност бараат и достапност до фондовите за развој на министерствата за технолошки поквалитетни производи или почеток на производствен процес.

 

Сузана Фиданска- Стоевска