Се бара решение за проблемот со Хрватска

08.08.2017 17:04

Министерот за земјоделство Николовски на телефонска врска со Загреб. Македонија се обидува да најде решение за проблемот со хрватскиот правилник за увоз на свежо зеленчук и овошје. Тамошни бизнисмени предупредуваат дека и штетите за Хрватска можат да бидат големи. Пораки стигнуваат и од Брисел...

Лобирања, притисоци, контрамерки. Четирите балкански земји се уште во очекување Хрватска да ги укине дискриминаторските одлуки, да ги намали таксите за извоз на овошје и зеленчук од земјите што не се во ЕУ. Брисел порача сите страни да ги почитуваат обврските од договорите за асоцијација и стабилизација мегу Европската унија и Западен Балкан.

„Европската комисија ги подржува економската размена и интеграција. Сите страни да ги исполнат своите обврски. Ги повикуваме да избегнат ескалација на состојбата и да ја решат преку добра воља и консултации. Во контакт сме со властите на земјите, во моментов правиме оценка на состојбата и на жалбите за овие мерки, вклучувајќи ги и обврските“, изјави Карлос Мартин, Европска комисија.

Во телефонски разговор со Министерот за земјоделство Николовски, неговиот хрватски колега Толушик, покажал интерес за решавање на настанатиот проблем. Ветувања дека таксите ќе ги намалат и има напредок во преговорите добил и првиот човек на Босанското министерство за надворешна трговија, Шаровиќ. И додека трите земји засега стрпливо чекаат правилникот да биде повлечен, Србија со контра чекор, ги зајакна царинскиот надзор над производите што доаѓаат од хрватска територија, наместо селективниот метод, сега зема примероци од секоја пратка и детално ги проверува. И од Хрватската комора стравуваат дека ситуацијата може да има негативни последици по преработувачката индустрија со оглед на структурата на извозот. Од секторот за земјоделство со став- решението е во измена и прилагодување на правилникот.

„Нас ни е во интерес ситуацијата да се реши поскоро, а решението е одредбите да се прилагодат во правилникот. Голем дел од извзоот се однесува на производи со висока стапка на преработка, па може да се заклучи ваквата ситуација на долг рок може да има последици по преработувачката индустрија, но се надеваме дека до вакво сценарио нема да дојде и дека ќе се најде решение што ќе овозможи нормален тек и динамика на тргување“, вели Жаклина Јуришиќ, Сектор за земјоделство, Хрватска комора за трговија.

Реакциите од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора следуваат откако Хрватското министерство за земјоделстви минатиот месец го воведе правилникот со кој се зголемуваат фитосанитарните контроли на увезено овошје и зеленчук од земји што не се членки на ЕУ, и го зголеми надоместокот за инспекциски контроли од 12 на 270 евра.

Министрите на вчерашната средба во Сараево побараа итно да се повлече правилникот и цените за инспекциска конторла да се прилагодат со просечните во земјите од Европската унија.

Сузана Фиданска- Стоевска