Уапсени 35 медиумски работници во Турција

10.08.2017 12:44

Продолжува чистката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Овој пат на удар се медиумските работници за кои се сомнева дека соработувале со имамот Ѓулен кој според Анкара стои зад ланскиот обид за пуч.

Обвинителството во Истанбул издаде налози за апсење на 35 лица осомничени за соработка со медиумската мрежа на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, од кои деветмина се веќе притворени. Меѓу нив е и поранешниот главен уредник на затворениот весник „Бирѓун“, Бурак Екиџи. Обвинети се за користење на мобилната апликација „Бајлок“ која, според полицијата, била употребувана и за време на ланскиот неуспешен обид за пуч во Труција за координирање и организирање на ѓуленистите. Покрај апсењата, извршени се и рации во неколку домови на новинарите.

Анкара ја обвинува организацијата ФЕТО за спроведување на кампања против државата и создавање на паралелни структури во институциите, првенствено во полицијата, војската и правосудниот систем. Имамот Ѓулен, којшто живее во САД, категорично негира дека е вмешан во обидот за државен удар на 15 јули 2016 година во кој загинаа 250 лица, а над 2.000 беа повредени.

Во чистката на претседателот Реџеп Таип Ердоган се приведени околу 70.000 лица, а над 150.000 луѓе го загубија работното место. Властите во Анкара спроведуваат операции и против сите државјани кои се поврзани со терористичките групи, вклучувајќи ги и Исламска држава и членовите на Курдската работничка партија.

Маја Филдишев