Продолжува собраниската седница посветена на разрешувањето на државниот обвинител Зврлевски

11.08.2017 12:51

Продолжува собраниската седница посветена на разрешувањето на државниот обвинител Зврлевски. ВМРО-ДПМНЕ оцени- со несоодветен кворум од парламентарното мнозинство не треба да се одржува седница. Павле Богоевски од владејачката коалиција порача- ќе одите во затвор.

Продолжува собраниската седница за разрешување на јавниот обвинител, Марко Зврлевски. На процедурално барање од пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ дадена е пауза од еден час по што ќе продолжи расправата.

На почетокот на денешната седница во процедурално барање пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара точката на дневниот ред да се стави во мирување, бидејќи, како што рече, и да заврши расправата по неа во салата нема доволно пратеници да се гласа.

На тоа претседателот Џафери му одговори дека не е потребно присуство на мнозинство пратеници за да продолжи расправата, туку само кога се одлучува, односно гласа.

Во реплика, независниот пратеник Павле Богоевски потенцира дека за сите битни точки може да се расправа по завршувањето на точката на дневен ред. -Со месеци одолговлекувате, но Зврлевски ќе биде разрешен и сите одговорни за криминал ќе одговараат, рече Богоевски.

Во процедурално обраќање Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека го осудува говорот на омраза што, како што рече, го практикуваше Павле Богоевски во своето обраќање и побара од спикерот Џафери да го санкционира таквото однесување.