Митревски: Царовска да не се меша во синдикалната автономија

11.08.2017 14:44

ССМ ги демантира наводите во рекацијата од Министерството за труд и социјална политика. Според Живко Митревски, министерката Царовска ја крие вистината дека решението за смена на раководството на ССМ го донела противзаконски. Според него, министерката за труд и социјална политика ја злоупотребила својата положба и овластување. Решението е спротивно и на меѓународните конвенции...

Првиот човек на ССМ повторно бара министерката Мила Царовска да не се меша во синдикалната автономија на гранските синдикати. Тој тврди дека решението за смена на раководството е ништовно и спротивно и на конвенцијата на Меѓународната организација за труд.

Поддршка на Сојузот на синдикати стигна и од европските и светските синдикати, рече Митревски. Побара разрешување на Царовска. Наведе дека ги злоупотребила службената положба и овластување. Според Митревски, секое постапување спротивно на пресудата на Управниот суд со која се забранува промена во ССМ ќе биде најостро санкционирано.

Од Министерството за труд и социјална политика, пак, велат дека изнесените обвинувања на Живко Митревски се неосновани и неаргументирани. Објаснуваат дека со решението кое што министерството го прогласи за ништовно не се мешаат во слободата на синдикално организирање и слободата на избор, туку постапуваат според законите, имајќи ги предвид и меѓународните конвенции.

Министерството по службена должност оцени дека решението на претходниот министер Ибрахим Ибраими е ништовно, согласно со Законот за општа управна постапка – посочуваат од труд и социјала.

 

Сунчица Николоска