ВМРО-ДПМНЕ: Отповикување на министерот за животна средина

11.08.2017 16:13

Поради повеќе нерешени проблеми во областа на животната средина, ВМРО-ДПМНЕ побара отповикување на министерот Садула Дураку. Струшката, како и депониите во Куманово и во Тетово, се закана за граѓаните- велат во партијата, која најавува уште две интерпелации.

Коалицијата „За подобра Македонија“ продолжи со поднесувањето интерпелации. Последната е за министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку. Го обвинуваат за дивите депонии, сметот, пожарите низ земјава.

„Игнорантски однос од страна на министерот Дураку, е повеке од иритирачки и е доволен показател дека овој министер не може да се носи со функцијата Министер за животна средина и просторно планирање, и затоа треба истата да ја напушти за да не се дозволи уште поголеми еколошки катастрофи да се случат на територијата на Република Македонија кои би можеле да резултираат дури и со несогледливи  последици врз здравјето на граѓаните и животната средина“, изјави Лилјана Затуроска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е четврта интерпелација, по оние за министрите за земјоделство, финансии и надворешни работи.