ПРАВИЛА ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2017 - МРТ1

15.08.2017 15:07

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Правилата претставуваат операционализација на обврските на Јавниот радиодифузен сервис - МРТ за покривање на изборни процеси пропишани во Изборниот законик.

Според изборната регулатива, Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите во својата програма, и да овозможи пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми и бесплатно политичко претставување на сите учесници во изборна кампања. Исто така, во соработка со Државната изборна комисија (ДИК), МРТ е должна да ги информира граѓаните за начинот и техниката на гласање и за други информации поврзани со изборниот процес. Правилата ќе се применуваат од денот на распишување на изборите, до нивното завршување.

 

II. ПОКРИВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ВО ВЕСТИ

Во кои вести ќе се информира за кампањата и дистрибуција на времето

Првиот програмски сервис на МРТ – МРТ1 ќе ги покрива активностите од изборната кампања во Дневниците и тоа:

-       на Првиот телевизиски програмски сервис (МРТ1) во дневниците во 17:00 и 19:30 часот;

Според член 76-а став 2 од Изборниот законик, за време на изборна кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, така што 30% од времето ќе посвети на информации за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на Република Македонија.

Законската одредба не предвидува време за активностите на независните кандидати, односно за кандидатите од група избирачи, но имајќи ги предвид позицијата и обврските на Јавниот радиодифузен сервис во општеството, МРТ1 за активностите на независните кандидати ќе информира во рамки на 10% посветени за информации од кампањата на политичките партии кои не се претставени во Собранието на Р.М.

Информациите за активностите од кампањата на политичките партии на власт и во опозиција секојдневно ќе ротираат, а тонот на известувањето ќе биде неутрален. Јавниот радиодифузен сервис ќе обезбеди редовно информирање за изборниот процес и за лицата со оштетен слух.

Известување за активностите на државната и локалната власт

Редовните активности на државните органи, органите на општините и на другите институции и организации со јавни овластувања во информативните изданија на МРТ1 ќе бидат третирани во делот од вестите резервиран за случувањата од земјата и од светот.

Имајќи ја предвид обврската од член 76-а став 12 од Изборниот законик која пропишува дека од денот на распишување на изборите до нивното завршување, известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект, МРТ1 за нив ќе информира согласно соодветните новинарски жанрови.

 

Информирање за испитувања на јавното мислење

МРТ1 ќе известува за резултати од испитувања на јавното мислење само доколку е познат нарачателот на истражувањето и ако тоа е реализирано на репрезентативен примерок.

При објавување на резултатите од испитувања на јавното мислење ќе ги почитува следниве принципи:

-       Задолжително ќе ги објави следниве податоци: името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, името на институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето;

-       Ќе информира и за очекуваната маргина на грешка, особено кога разликата меѓу претендентите е во рамките на маргината;

-       Резултати од испитувања на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес ќе објавува најдоцна пет (5) дена пред денот определен за одржување на изборите за првиот и за вториот круг на гласање;

-       Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите нема да објавува пред 19:00 часот, односно пред затворањето на избирачките места.

Изборен молк

За време на изборниот молк, МРТ1 ќе продолжи да известува за изборниот процес и за текот на гласањето, при што нема да емитува содржини кои би можеле да се сметаат за прекршување на изборниот молк. Оттаму, нема да објавува:

-       Какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите;

-       Какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите;

-       Податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето;

-       Изјави од кандидати во изборниот процес, од учесници во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Вестите од распишување на избори до започнување на изборната кампања

МРТ1 во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања, доследно ќе ги почитува стандардите и начелата за создавање на програмите утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од Етичкиот кодекс на новинарите на Република Македонија и на МРТ, како и принципите за покривање на изборите, и ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието на Република Македонија. Ќе се обиде да информира и за активностите на политичките субјекти што не се претставени во Собранието на Р.М.

 

III. ИЗБОРИТЕ ВО ПОСЕБНИTE ИНФОРМАТИВНИ ПРОГРАМИ

Имајќи ja предвид неопходноста граѓаните да бидат информирани за програмите и за ставовите на сите релевантни политички субјекти, како и за разликите во нивните ставови и политики, особено во периоди на изборни процеси, МРТ1 за време на избори ќе се фокусира на емитување дебатни програми, како вид на посебна информативна програма преку која граѓаните најлесно добиваат впечаток за кандидатите и нивните ставови.

Во согласност со својата обврска од член 76-а став 11, МРТ на Првиот телевизиски програмски сервис - МРТ1 ќе емитува дебатни програми. Во дебатите за време на изборна кампања ќе учествуваат потврдени учесници во изборниот процес.

Дебатни програми повремено ќе се емитуваат и на другите програмски сервиси на МРТ во согласност со кадровските и техничките можности. Дебатите ќе бидат на релевантни теми, во зависност од тоа за каков изборен процес станува збор, определени од уредничкиот тим на МРТ1.  Дебатите ќе бидат соочувања на кандидатите за градоначалници и претставници на политички партии од власта и од опозицијата и ќе почнат со емитување по утврдување на листите за  кандидати на градоначалници и советници од страна на ДИК.

МРТ1 ќе ги утврди правилата за дебатирање (бројот на одговори/реакции на презентациите на кандидатите) кои ќе важат за учесниците во дебатата.

За да се обезбедат услови за еднаков пристап до дебатните програми и за еднакво претставување на кандидатите, уредничкиот тим на МРТ1 ќе води сметка, учесниците во дебатите да бидат на еднакви позиции во политичките партии што ги претставуваат и некои личности да не се појавуваат премногу често.

МРТ1 ги информира партиите дека кога нивните претставници учествуваат во дебати кои се снимаат пред да бидат емитувани и кои не се во живо од студио, нема да имаат право да побараат коригирање или бришење на она што го изјавиле.

Водителот на дебатата мора да се однесува според етички и професионални принципи на непристрасност и неутралност кон сите учесници во дебатата. МРТ1 ќе организира дебати без оглед дали некоја партија ќе го откаже учеството. Во таков случај ќе биде оставено празно столче за отсутните, публиката ќе биде информирана за причините на отсуството, а останатите учесници ќе продолжат да дебатираат.

Јавниот радиодифузен сервис ќе се обиде дел од дебатните програми да ги направи достапни и за лицата со оштетен слух.

Интервјуа

Интервјуа главно ќе се емитуваат со претставници на институции и организации задолжени за релевантни аспекти од организацијата на фер и демократски избори. По потреба, во зависност од видот изборен процес, МРТ1 ќе емитува и интервјуа со потврдени кандидати на изборите или пак со претставници на политичките партии. 

 

III. ДРУГИ ИНФОРМАТИВНИ И ЗАБАВНИ ПРОГРАМИ

Од распишување на изборите до нивното завршување, во другите свои посебни информативни програми, МРТ1 нема да известува за предизборни активности. Програмите на МРТ1 кои исполнуваат забавна медиумска функција нема да се користат за претставување на учесници во изборниот процес, ниту пак, за интервјуа со носители на јавни функции.

 

 

IV. БЕСПЛАТНО ПОЛИТИЧКО ПРЕТСТАВУВАЊЕ

Во согласност со обврските за емитување бесплатно политичко претставување од Изборниот законик, МРТ1 за време на изборната кампања, и во првиот и во вториот круг на гласање, ќе емитува бесплатно политичко претставување на учесниците во изборниот процес. Времето за бесплатно политичко претставување на секој од учесниците во изборниот процес ќе биде определено според принципите за избалансирано покривање на изборите (еднаквост односно пропорционалност) утврдени во членот 75-а од Изборниот законик.

Непосредно пред започнување на изборната кампања, МРТ1 ќе го објави распоредот за емитување на бесплатното политичко претставување. Датумот и редоследот за емитување на бесплатното политичко претставување на учесниците во изборната кампања ќе се утврди со ждрепка.

Бесплатното политичко претставување на телевизиските програмски сервиси ќе се емитува во периодот од 16:00 до 23:00 часот.

Бесплатното политичко претставување ќе биде соодветно и видливо означено како „бесплатно политичко претставување” во текот на целото времетраење на емитувањето.

 

V. ПРАВО НА ИСПРАВКА И ОДГОВОР

Кој може да бара објавување на исправка/одговор

Кој било учесник во изборен процес (кандидат, политичка партија, коалиција итн.), како и секое физичко или правно лице, има право од МРТ1, односно од одговорен уредник во МРТ1 да бара, без надоместок, да објави:

-       Исправка на објавена информација во која се наведуваат неточните факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси; или

-       Одговор на објавена информација, доколку има поврзаност со фактите објавени во информацијата или има легитимен интерес.

                Барањето за објавување исправка, односно одговор се поднесува во писмена форма:

-       Образложено и потпишано од страна на подносителот, со сите потребни податоци за него;

-       Со јасно посочување на информацијата (или податокот) на која се однесува и датумот на нејзиното емитување.

Рок за објавување и други услови

                За време на изборен процес, исправката, односно одговорот, ќе бидат објавени во првото следно издание на програмата во која била објавена информацијата на која се однесуваат. Доколку барањето за исправка, односно одговор не е поврзано со изборниот процес, тогаш ќе се применуваат роковите и условите за нивно објавување утврдени во Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013 и 13/2014).