ИФФК „Браќа Манаки“

Пиер Лом- добитник на „Златна камера 300“

22.08.2017 14:51

Подготвена програмата на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија. Наградата за животно дело Златна камера 300 ќе ја добие францускиот кинематограф Пиер Лом. Официјални фестивалски признанија се Златна, Сребрена и Бронзена камера 300...

Светски познатиот француски кинематограф Пиер Лом е добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ на 38-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Богатиот опус на Лом опфаќа над 100 филма, зад себе има значајни филмски награди како Бафта, наградата на Британската филмска академија, францускиот Сезар за најдобар кинематографер. Неговите дела ги карактеризираат разновидни визуелни, кинестетски и жанровски изрази. Еден од најдобрите снимени филмови на Лом е „Сирано од Бержерак“.

Директорот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Роберт Насков рече дека решиле наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ да ја доделат на институцијата „Вардар филм“, во годината кога слави 70 години од нејзиното основање.

За добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 на 38-то издание на „Браќа Манаки“ ќе одлучува меѓународно жири. Фестивалот ќе се одржи од 23-ти до 30-ти септември во Битола.

 

Александра Спировска